Една пратеничка на СДСМ е позитивна на Ковид-19, поради што парламентарното мнозинство ги нема потребните 61 глас за обезбедување кворум, поради што Собранието денеска не успеа да ја избере судијката Добрила Кацарска за член на Уставниот суд.

Шеесет и еден глас се потребни за избор на уставен судија, додека за кандидат од немнозинските етнички заедници е потребно и Бадентерово мнозинство.

Претседателот на Собранието Талат Џафери потсети дека уставниот судија се избира со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и информира дека, бидејќи нема услови за одлучување по однос на оваа точка, ќе се гласа во моментот кога ќе се создадат услови за гласање.

Инаку, и во текот на денешната расправа, опозицијата настапуваше со оценка дека Кацарска не е соодветен предлог за уставен судија и затоа побара предлогот да биде повлечен, додека пратениците од владејачкото мнозинство потсетуваа дека во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ судството било донесено до најниско можно ниво.