Во Собранието попладнево продолжуваат консултациите меѓу работните групи на власта и опозицијата за Законот за јавното обвинителство, со кој треба да се реши и судбината на СЈО.

Според заменик-министерот за правда Оливер Ристовски, главните разлики остануваат околу статусот на обвинителите од СЈО и нивните предмети кои не се во судска постапка.

– Застанавме минатиот пат на околу две до три точки кои се уште се спорни меѓу нас. Прекинавме за да направиме консултации дополнителни, како ние така и опозицијата. Мислам дека денеска ќе изгладиме дел од тоа, барем се надевам, изјави Ристовски за “360 степени”.

Во врска со „план Б“ доколку преговорите не успеат, Ристовски кажа дека нема потреба од “план Б” и дека смета дека ќе се договорат.

Денеска во Собранието се одложи седницата на Законодавно-правната комисија, на која требаше да се расправа по Законот за јавно обвинителство, со европско знаменце по скратена постапка, во второ читање.

Неизвесно е кога законот ќе се најде и пред Комисијата за европски прашања, која во четвртокот усвои десет од вкупно 51 поднесен амандман по предлог законот.

МИА