Владејачкиот СДСМ соопшти денеска дека ја реализирале историската заложба на Илинденците и борците од НОБ со членството во НАТО и преговорите за влез во ЕУ.
СДСМ и денеска, спроти Илинден ги велича „своите победи“ и ја напаѓа опозицијата со канонада од утрински соопштенија. Ги објавуваме двете во целост:
Во пресрет на големиот национален празник 2-ри Август – Илинден, граѓаните на РС Македонија можат да бидат горди на досега постигнатите успеси.
Денес, С. Македонија е стабилна, сигурна држава, партнер на државите од регионот и Европа.Со членството во НАТО трајно ги обезбедивме мирот и стабилноста, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите.
По 17 во чекалната, започнавме преговори за членство во ЕУ како Македонци со заштитен македонски јазик и идентитет.
Стануваме дел од големото европско демократско семејство каде нашата држава вредносно и цивилизациски припаѓа.
Тоа е реализација на историските заложби на Илинденците, борците од НОБ и членовите на АСНОМ за независна, суверена демократска држава признаена од целиот свет.
Илинден е нашата сила за иднината, а нашата иднина е европска.
Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев се единствените политичари кои јавно се декларираа како анти ЕУ политичари, кои работат против интеграцијата на државата во ЕУ.
Мицкоски и Апасиев заедно работеа на дестабилизација на државата, заедно ширеа лажни вести и хистерија, заедно креираа крвави сценарија што не им успеаја.
Денес, освен Апасиев и проруската Левица, никој повеќе не верува во лагите на Мицкоски уште помалку некој го поддржува во идејата за референдум која служи само за негова лична, внатрепартиска употреба.
Поради таквиот однос Мицкоски се испокара со коалициските партнери, затоа и другите опозициски партии му го свртеа грбот.
Мицкоски е осамен, придружуван единствено од Апасиев со кого заедно работат за туѓи центри на моќ.Нивните деструкции и обиди за изолација на државата нема да успеат, нивните блокади повторно ќе бидат поразени од граѓаните.
Центар за односи со јавноста на СДСМ