Владата водеше мудра дипломатија, а кога дојде време транспарентно излезе во јавноста и сето тоа е резултат на добрата стратегија и позиции кои јасно ги постави премиерот Ковачевски, се истакнува во денешното соопштение од владејачкиот СДСМ во врска со новиот предлог од Франција за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија.
Вообичаено, СДСМ соопштенијата ги почнува со критики за опозицијата и лекции како „таа да го заштити државниот и национален интерес“, според рецептот на власта. Во продолжение целото соопштение од СДСМ:
Христијан Мицкоски одново покажа дека нема државнички капацитет ниту основно чувство за државност, особено за прашања од највисок државен и национален интерес.
Досега, низ целиот процес, сите лажни тврдења на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ потонаа.
Се покажа дека Владата и премиерот Димитар Ковачевски доследно се држеа до државните позиции во однос на разговорите со Бугарија во секој поглед и го штитат националниот интерес и македонскиот национален идентитет.
Ветивме дека ќе се избориме да ги задржиме клучните црвени линии кои со месеци ги повторуваме, кои се усвоени во Собранието и тоа го исполнуваме целосно.
Чист македонски јазик и историски прашања надвор од рамката, тоа беше државен став кој е содржан во новиот модифициран предлог.
Детали за предлогот што беше доставен вчера попладне веќе денеска ќе бидат целосно објавени, го остваруваме она што го ветивме, дека ќе има широк консултативен процес тогаш кога ќе имаме предлог кој е вреден за таква дебата.
Владата водеше мудра дипломатија, а кога дојде време транспарентно излезе во јавноста и сето тоа е резултат на добрата стратегија и позиции кои јасно ги постави премиерот Ковачевски.
Во консултациите треба да бидеме уште помудри, да го заокружиме овој процес кој е од исклучително значење за иднината на државата и идните генерации.
Ги повикуваме сите општествени чинители, сите политички партии, да се вклучат во консултациите и заедно да ја донесеме одлуката.