СДСМ изразува крајно разочарување од конфузијата која се создаде во јавноста околу поранешниот премиер Димитар Ковачевски во врска со истрагата за случајот со Државната Лотарија, изјави денеска на прес конференција организацискиот секретар на партијата Мартин Костовски.
-Прво, сакам да изразам крајно разочарување од тоа каква конфузија се направи во јавноста во однос на екс премиерот Ковачевски кој беше осуден од јавноста и медиумите, додека во реалноста Јавното Обивинителство се уште нема оформено предмет. Според она што досега го дознавме од ЈО се уште нема постапка туку само кривична пријава која допрва ќе видиме дали е основана. Според ЈО станува збор за сосема друг период и друг случај кој очигледно е различен од овој на Груби и Бајрами, изјави Костовски.
Според него, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски со своите изјави, како што рече „очигледно намерно се обиде да го вметне и Ковачевски со Груби и Бајрами во истиот предмет“.
-Тоа е она што го прави ВМРО-ДПМНЕ, политичко етикетирање преку институциите на прогонот. Но ова не треба да не чуди затоа што ВМРО-ДПМНЕ подготвува терен за политички реаншизам од првиот ден. Се врши страшна партизација на клучните безбедносни и правосудни институции. За само шест месеци имаме целосно поклопување и преземање на АНБ, масовна партизација во полицијата и назначување на партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ во независниот граѓански надзор на комуникациите. Имаме поставување на судија во судскиот совет која е сопруга на градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и уште еден кој е братучед на Изет Меџити. Ова јасно укажува дека ВМРО-ДПМНЕ со оваа партизација ќе води и партиски истраги и хајки против поранешни функционери, дополни Костовски.
Потенцираше дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ги поддржува сите независни и професионални истраги против било кои поранешни и сегашни функционери.
-Бараме надлежните институции да ги извршат своите обврски непристрасно и темелно, со што ќе се открие вистината. Потсетуваме дека секој функционер, без разлика на својата позиција или партиска припадност, има право на правична постапка и се смета за невин сè додека не се докаже спротивното. Секој обид за политизација или предвремена јавна осуда за лицата опфатени во истрагите ги поткопува принципите на правдата и одговорноста, рече Костовски, повикуваќи на почитување на правото на пресумпција на невиност.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на прес-конференција соопшти дека поранешен премиер и прв вицепремиер се дел од истрагата околу аферата со криминалот во Државна лотарија. Опфатени се и поранешен генерален секретар и државни службеници.
Основното јавно обвинителство Скопје вчера информира дека за случајот со Државната лотарија постапува по поднесени кривични пријави и од Министерството за внатрешни работи и од Управата за финансиска полиција.
Оттаму известија дека кривичната пријава за поранешниот премиер Димитар Ковачевски и поранешен генерален секретар Методија Димовски не е отфрлена, но се работи за друг период.
– Напоменуваме двете лица што ги наведувате се пријавени за сосема друг временски период и за други дејствија, а на седницата на 06.06.2023 година кога точка на дневен ред била наведената одлука претседавал единствено сега осомничениот, соопштија од обвинителството.
Според информациите од ЈО, со истрагата за Државна лотарија се опфатени шест лица од кои двајца – Артан Груби и Перпарим Бајрами, не се достапни за истражните органи. Судот на Груби и на Бајрами им одреди притвор од 30 дена, а МВР по нив распиша меѓународна потерница.
Фото: СДСМ