До кое ниво е доведен политичкиот апсурд во Македонија говорат и денешните соопштенија и прес-конференции од владејачкиот СДСМ, кој бара оставка од лидерот на најголемата опозициска партија во земјата.
На овој начин се заташкува пишман-оставката на премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев за катастрофалните резултати на локалните избори и за економско-политичката состојба во Македонија. Така се заташкува оставката на потпретседателот на СДСМ и министер за здравство Венко Филипче за трагичниот пожар во тетовската монтажна болница и за тоа што Македонија е рекордер во бројот на починати лица од коронавирусот. И така се одвлекува вниманието на јавноста од вистинските проблеми што ги создава власта со апсурдно барање оставка од опозицискиот опонент.
СДСМ и се е можно во Македонија. Власта бара оставки од опозицијата и тоа во период кога катастрофално ги изгуби локалните избори и го „прочита“ мислењето и расположението на граѓаните за владеењето на СДСМ и ДУИ.
Во продолжение во целост соопштенијата и прес-конференциите од СДСМ:
Мицкоски да поднесе оставка и да се извини за сите лаги
Христијан Мицкоски да понесе одговорност за својот политички дебакл, откако се разоткри уште една негова голема лага, дека има ново парламентарно мнозинство.
Слепо воден од желба за власт по секоја цена, тој седна на маса со оние коишто се против НАТО, против ЕУ, против Преспа, против добрососедските односи, против Рамковниот договор.
Но, се покажа дека со измами, со манипулации не може да се дојде до парламентарно мнозинство, се потврди, дека мнозинството пратеници се за напредок, за задржување на вистинскиот пат, за продолжување на европските интеграции, за добри односи со соседите и стабилни меѓуетнички односи, за економска сигурност.
Не му успеа на Мицкоски тоа што го посакуваше: дестабилизација, криза, враќање назад, рушење на постигнатото во однос на стратешките интереси на земјата.
Центар за односи со јавноста на СДСМ
Прес-конференција, Дарко Каевски, пратеник на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
После сите лаги за наводно ново парламентарно мнозинство, Христијан Мицкоски треба да излезе пред граѓаните и да си даде оставка.
Заради желбата за власт Мицкоски седна на иста маса со политичари кои се анти НАТО и анти ЕУ, со политичари кои се против Договорот од Преспа, против Охридскиот рамковен договор, против концептот едно општество за сите.
Заради пуста желба за власт, Мицкоски ги погази сите негови претходни ставои, уште еднаш се потврди дека тој нема став, дека е обичен калкулант желен за власт.
Неуспешниот обид за создавање ново парламентарно мнозинство, покажа и дека Димитар Апасиев не е ништо друго освен обичен потрчко на Мицкоски.
Стана јасно дека Левица е исто што и ВМРО-ДПМНЕ, дека Мицкоски и Апасиев се едно исто.
Се што Мицкоски кажа – излажа. Дури и парламентарното мнозинство го кроеше преку лаги и измами кон луѓето со кои седеше на иста маса.
Затоа оставка.
Мицкоски кончено треба да покаже грам одговорност и да си даде оставка.
Граѓаните не сакаат и не заслужуваат политичари кои немаат став, кои едно зборуваат а друго прават.
Мицкоски мора да им се извини на граѓаните за сите лаги со кои ја замајуваше јавноста, а потоа да преземе одговорност и да се повлече од политиката.
Прес-конференција, Даниела Николова, пратеничка на СДСМ
Почитувани,
СДСМ континуирано и посветено работи за зголемување на стандардот и унапредување на правата на работниците.
Во изминатите 4 години просечната плата порасна за 6.000 денари. Во истиот период ја зголемивме минималната плата од 9.000 денари на 15.400 денари. Ќе ја зголемиме и на 18.000 денари.
Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ се обврза и ќе обезбеди донесување на измените во Законот за работни односи, со кои се предвидува 92 проценти од вработените во недела да одмараат, а 8 проценти од работниците за работа во недела да добиваат додаток до 100 отсто.
Работниците и синдикатите се во право кога бараат деблокирање на законите кои се во интерес на работниците.
Меѓутоа, како што е познато, пратениците од опозицијата во изминатиот период упорно го блокираа донесувањето на измените на Законот за работни односи и на други законски решенија во интерес на работниците.
Ним воопшто не им е грижа за работниците и нивните права, тие се желни за гола власт, што впрочем и го покажаа, пред целата јавност, со своето однесување изминатите денови.
Недела неработен ден, повисока минимална плата, се реализираат со парламентарно демократско мнозинство и стабилна Влада предводени од СДСМ и тоа ќе се случи во следниот период.
Почитувани,
Блокадите и опструкциите на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе бидат поразени.
СДСМ и парламентарното мнозинство ќе обезбедат недела неработен ден, повисоки плати за работниците, и како и досега ќе продолжат да работат во интерес на сите граѓани на Република Северна Македонија.
Благодарам
(Д.Г.)