За владејачкиот СДСМ, опозицијата во Македонија е виновна за се откако тие се на власт.

Јавноста памети дека портпаролите на СДСМ се менуваа, но ја продолжуваа социјалдемократската традиција на нивните прес-конференции за се „е виновен Мицкоски и опозицијата“. Претходно беше само Мицкоски, а откако почнаа протестите против бугаризацијата на Македонија, „виновен е и Апасиев“. Еве го и денешното соопштение на СДСМ:

Веќе 7 дена Мицкоски и Апасиев се кријат дека се организатори на насилните протести, со кои сакаат да предизвикаат тензии во државата.

Антиевропската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, помогната од Алијанса за Албанците се обиде среде Скопје да испровоцира меѓуетнички конфликт од огромни размери.

Инциденти и обид за реприза на 27 април имаше пред зградата на Собранието, како и обид за насилен упад пред зградата на Владата.

Антиевропската коалиција направила измислен, анонимен е-маил, како параван, и праќа фотографии по медиуми од протестите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица.

Посебна тема е злоупотребата на деца на фотографиите што се лиферуваат од измислениот мејл.

Зошто антиевропската коалиција има потреба да се крие кога целата јавност знае дека ВМРО-ДПМНЕ и Левица се организатори?

Ако Мицкоски и Апасиев мислат дека на овој начин ќе се спасат од одговорност за насилствата се лажат.

Јавноста се уште очекува одговори и за улогата на политичкиот дезертер од Армијата, Драган Ковачки со овие настани?

Дали токму Ковачки коорднирал група на поранешни припадници на Армијата во ова крваво сценарио?

Одговорност за насилството и за режираните крвави сценарија мора да понесат сите инволвирани.

Центар за односи со јавноста на СДСМ