Тоа што навистина и смета на опозицијата е високиот степен на доверба на министерот Венко Филипче кој покажа како треба да се справува во пандемија, се вели во денешната реакција од владејачкиот СДСМ, во врска со најавената интерпелација на Филипче од страна на опозицијата.

Вообичаено, СДСМ повторно со напад врз опозицијата, ја брани власта за катастрофалната состојба со необезбедени вакцини, зголемен број на новозаразени итн. Го пренесуваме целото соопштение од Бихаќска:

Неодговорноста и деструктивноста, која го карактеризира делувањето на ВМРО-ДПМНЕ во текот на целата пандемија со коронавирусот кулминира со конструирани случаи и со барање за интерпелација на министерот за здравство Венко Филипче.

Заради тесно партиски интереси ВМРО-ДПМНЕ, свесно и со умисла го поткопува здравствениот систем, му наштетува на угледот на државата и создава атмосфера на јавен линч на секој кој ќе се обиде да помогне во набавката на вакцините.

До пред некој ден на ВМРО-ДПМНЕ му пречеше затоа што наводно институциите биле спори во набавката на вакцини, а денес критикуваат зошто институциите прават напори да обезбедат вакцини од што е можно повеќе производители. Нека се одлучат што точно им пречи.

Она што навистина им пречи е високиот степен на доверба на министерот Филипче и целиот здравствен систем коишто покажаа како треба да се справува во една здравствена пандемија.

Очигледно сето ова е резултат на фрустрацијата што Мицкоски и врвот на ВМРО-ДПМНЕ не можат да го одбранат криминалот во својата партија, што правдата ги стигнува сите, па дури и оние за кои се мислеше дека се недопирливи.

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ на сите порази од граѓаните и од правдата ќе го додадат и дебаклот со неоснованата интерпелација за министерот за здравство.

Центар за односи со јавноста на СДСМ