Најпозитивниот извештај за напредокот од Европската комисија и безусловната препорака за почеток на преговорите со ЕУ е едно големо признание за досегашните заложби на Владата предводена од СДСМ, поддржани од граѓаните на нашата татковина, соопшти денеска СДСМ.
– Од „заробена држава“ за само 2 години со процесот на реформи Северна Македонија е „светол пример“ за целиот регион. Во Извештајот е констатиран напредок во реформите во повеќе сектори. Како што е нотирано во Извештајот, постигнат е добар напредок во реформата на разузнавачките служби, реформата на системот за следење на комуникациите, во соработка со НАТО и другите партнери. Сега имаме модел и законската рамка за формирање на новата Агенција за национална безбедност. Добар напредок е забележан и во спроведувањето на „Итните реформски приоритети” и препораките на Венецијанската комисија и Високата експертска група за системски прашања за владеењето на правото, соопшти СДСМ.
За владејачката партија „ова се само дел од успесите во реформскиот процес што се нотирани во Извештајот од Европската комисија“.
– Освен признание за сработеното значат и мотив плус за уште поангажирано да се вложиме во реализација на процесот на интеграција во ЕУ, во интерес на сите граѓани и европската иднина на земјата, се вели во соопштението.
За оставката на пратеникот Никола Груевски од владејачката партија велат дека е „потврда оти ВМРО-ДПМНЕ се води од Будимпешта, Груевски од таму дава команди, Мицкоски исполнува“.
– Со најавената оставка Груевски му помага на Мицкоски, го спасува, сметаат од Центарот за комуникации на СДСМ.