Низ целата држава се инвестира во развој на патната инфраструктура како никогаш досега, се истакнува во денешното соопштение од владејачкиот СДСМ.
Во сооопштението се набројуваат патиштата кои ги преасфалтирала Владата предводена од СДСМ, а како еден од нив е „изграден и пуштен во употреба и автопатот Миладиновци – Штип“ за кој јавноста знае дека беше изграден од претходната власт. Го објавуваме целото денешно соопштение на СДСМ:
СДСМ останува силно посветена на спроведување на капитални инфраструктурни проекти кои го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните.
Низ целата држава се инвестира во развој на патната инфраструктура како никогаш досега.
Владата предводена од СДСМ вложува преку една милијарда евра за подобрување на патната инфраструктура ширум државата со цел граѓаните да возат низ побезбедни и модерни патишта.
По 50 години за првпат се реконструира патот преку Националниот парк Галичица кој ги поврзува Охрид и Преспа.
Првата фаза е делницата на патниот правец од Царина Отешево до превојот на Галичица во должина од 14,9 километри, по што продолжува и спроведувањето на втората фаза од превојот на Галичица до приклучувањето на патниот правец Охрид – Свети Наум во должина од 15 километри.
Финиширана е реконструкцијата на регионалниот пат Битола – Нижеполе – Ски центар „Стрежево“ во должина од 5,5 километри, во вредност од 36 милиони денари.
Потврда за инвестициите во секој дел од државата се капиталните инфраструктурни проекти кои се реализираат и во македонскиот Исток.
Регионалниот пат Крупиште – Пробиштип во должина од 18 километри е рехабилитиран и пуштен во употреба.
Изграден и пуштен во употреба е и автопатот Миладиновци – Штип. Изградена е првата фаза од експресниот пат од Штип до Крупиште, ја пуштивме во употреба и првата фаза од експресниот пат Штип – Радовиш, во септември е планирано да се пушти во употреба и делницата од Бучим до Радовиш.
Како одговорна партија продолжуваме со реализација на капитални проекти што носат развој на општините и регионите, побрз и побезбеден транспорт и сообраќај.
Центар за односи со јавноста на СДСМ