Портпаролот на СДСМ и пратеник Дарко Каевски денеска изјави дека во текот на изминатава недела не се одржувале разговори за Изборниот законик, посочувајќи дека неговата партија е подготвена да разговара за сите теми. СДСМ, според него, останува на ставот најпрвин да се одржат претседателски избори, па потоа редовните парламентарни избори.

-Во текот на изминатата недела немавме разговори конкретно за Изборниот законик, но доколку има ние сме подготвени да разговараме. Подготвени сме да разговараме за сите теми и имаме принципиелни ставови и врз основа на тие ставови ќе разговараме и ќе донесеме одлуки кои се во интерес на граѓаните, рече Каевски.

Околку одржувањето на претседателските и парламентарните избори, Каевски потенцира дека нивната партија останува на ставот дека најпрвин ќе бидат одржани претседателските избори во редовниот термин па потоа редовните парламентарни избори.

-Во делот на одржувањето на претседателските и парламентарните избори, многу често го кажуваме нашиот принципиелен конзистентен став дека прво ќе бидат редовните претседателски избори, а потоа редовни парламентарни избори. Секако дека сме отворени за разговарање за точниот датум. Очекуваме да има работни групи во Собранието, каде опозицијата ќе номинира свои членови, и ќе го утврдиме точниот датум одржување на изборите, рече Каевски.