Одлуката на Соединетите Американски Држави да ја суспендираат обработката на визи за македонските граѓани не е „техничка пауза“ туку предупредување. Стануваме земја од „третиот свет“, се вели во соопштението од СДСМ, што го пренесуваме интегрално.

Македонија денес ја плаќа цената на погрешните политики на Мицкоски  што водат кон затворање, изолација и губење на довербата кај стратешките партнери.

Надворешната политика на оваа влада е сведена на антиамерикански активности на најблиските соработници на Мицкоски, како неговиот вицепремиер Стоилковиќ, кој има отворени проруски ставови, директни врски со Москва.

Истовремено, сведоци сме на агресивна анти-ЕУ кампања. Наместо реформи, намерно се продуцираат судири со Грција и Бугарија, повторно се отвораат затворени прашања, со единствена цел – да се оправда изолацијата и да се избегнат вистински решенија.

Во таа смисла, мерката на САД е индикатор за тоа каде реално се наоѓа Македонија на меѓународната мапа: во периметарот на Сомалија.

Ова се само првите чекори. САД веќе носат и Закон за Западен Балкан, насочен директно кон борбата против криминалот и корупцијата.

СДСМ ќе продолжи јасно, гласно и одговорно да ја разоткрива оваа опасна агенда на власта и да се бори против политиките на изолација, криминал и разорување на стратешкото партнерство со САД.

Фото: архива