Се случува процес на партизација и политички упад во правосудниот систем на државата од страна на власта, истакна на денешната прес-конференција Александар Алексовски од правната комисија на СДСМ.

Во продолжение интегрален текст од прес-конференцијата:

Без разлика дали се согласуваме или не со работата на Републичкиот јавен обвинител, јасно е дека делувањето на ВМРО-ДПМНЕ е со единствена цел: да изврши упад во независноста на правосудната власт и да инсталира обвинител кој ќе биде послушник на власта.

Ова значи газење на демократијата, газење на уставната поделба на власта и враќање кон мрачните времиња на контролирани судии, обвинители и судски процеси.

Не станува збор за изолиран случај туку за политичка намера.

Сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ беше назначена за член на Судскиот совет а сопартиец на Меџити во Советот на јавни обвинители.

Ова не се реформи туку класична партизација. Мицкоски ги фрла на буниште реформите во правосудството, презема целосна контрола и партизација на институции кои треба да се независни.

Прашање е дали постапката за разрешување е покрената затоа што обвинителот не прифатил да постапува по политички диктирани случаи?

Изјавите на извршната власт дека нема да го земе предвид мислењето на Советот на јавни обвинители се спротивни на законот и сите правни стандарди.

Во Законот за јавно обвинителство – член 63, став 3, јасно е предвидено дека Советот на јавни обвинители треба да даде мислење по предлог на Владата.

Ако ова не се почитува, тогаш власта и де факто и де јуре потврдува дека има намера да го поништи принципот на поделба на власта и да ги контролира правосудните институции.

Ги повикуваме сите демократски сили, граѓаните, правните експерти и меѓународните институции да го следат овој процес и да не дозволат да биде уништена независноста на правосудната власт.

Функцијата Јавен обвинител на РС Македонија мора да остане независна и да се врши без било какви политички притисоци.

Линк до видео: https://youtu.be/eIsfdCle-f4

Прес конференција на СДСМ, Александар Алексовски, Правна комисија