Прашањето на македонскиот јазик и Планот за правата на заедниците не се тема на билатерални односи. Темата со македонски јазик во ЕУ е затврена и завршена. Македонија го има и првиот Договор со ЕУ потпишан на Македонски јазик. Договорот за Фронтекс го потпиша дури и Бугарија, со што македонскиот јазик е официјано признаен и во ЕУ, се вели во соопштението од СДСМ од прес-конференцијата на Александар Саша Димитријевиќ – генерален секретар на СДСМ, што МИА го пренесува интегрално.
Зошто прашања со Бугарија за македонски јазик се отвораат сега кога се затворени во ЕУ?
Како што веќе многупати кажавме, затоа што ВМРО намерно го стопира процесот на евроинтеграции и намерно измислува теми, како последната со Бугарија.
Затоа што сака изолација на Македонија. За да може да продолжат со грабежот преку тендерите, како што се, на пример, 161 тендер на една фирма, 9 милиони евра за друга, 1,2 милиони евра тендери од Пошта за фирма блиска до ЗНАМ и многу други.
Ова е само уште еден доказ за сè она што СДСМ го говори во јавноста во изминатиот период.
Мицкоски и тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не сакаат ниту да ја отворат темата за членство во ЕУ, затоа што сакаат да го прекинат процесот на евроинтеграции, да распишат избори а потоа да донесат мигранти. Тоа е нивниот план.
ВМРО повторно со дефокус се обидува да го сврти вниманието од главната тема, а тоа е борбата против криминалот и корупцијата.
Повторно, преку лажни вести за скијање, скокови во далечина, Харис Џиновиќ и други небулозни текстови, ја вметнува приказната за Мадуро.
Дали по сите наши активности во борбата против криминалот и корупцијата воопшто треба да нагласуваме нешто за Мадуро? Секако дека поддржуваме борба против криминал и корупција.
Но, Македонија има свој Мадуро. Се вика Христијан Мицкоски и во моментов ја извршува највисоката функција во државата – претседател на Владата.
Ние како партија немаме можност да се занимаваме со работи што се илјадници километри далеку од нас, на друг континент, но затоа се занимаваме со проблемот во нашата држава – криминалната организација предводена од „тендер коалицијата“ ВМРО/ЗНАМ.
Сѐ додека не се покрене процесот за примена на Законот за Западен Балкан, ние ќе работиме 24/7 на расклинкување на оваа криминална мрежа.
Сѐ тоа ќе биде подготвено во обвинителството за активирање во моментот кога тоа ќе биде ослободено од притисокот на власта и од канџите на Христијан Мицкоски.
Прво мора да си го исчистиме сопствениот двор, па дури потоа да гледаме во туѓиот!
ВМРО заборави дека ние на САД гледаме како на стратешки партнер уште од времето кога се боревме против неговиот ментор Груевски.
СДСМ ја внесе Македонија во НАТО, нели?
За кого беше ВМРО тогаш?
Борбата за слободна, демократска Македонија, во која правдата секогаш ќе победува, започна и нема да застане!
Центар за комуникации со јавноста на СДСМ




