Залудни се измислиците и конструкциите на опозициската партија, граѓаните нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски преку бојкотот што активно го организираат, насилно да ја блокираат македонската иднина, се вели во денешното соопштение од СДСМ.
– Граѓаните се определени за напредок, интеграција и развој и затоа в недела масовно ќе излезат и ќе гласаат ЗА европска Македонија. Надлежните институции се на висина на задачата и гарантираат организирање на фер, слободен и демократски референдум. Правото на глас е загарантирано и неприкосновено и секој вид на притисок, уцена и закана врз избирачкото право ќе биде соодветно санкциониран. Како што се ближи датумот за референдум, станува се појасно дека Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ не сакаат Македонија да успее и работат против иднината на Македонија и нејзините граѓани, соопштуваат од Центарот за комуникации на СДСМ.
За среќа, се додава во соопштението, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не се оние кои одлучуваат.
– Тие остануваат сами и изолирани во темното минато на криминал, корупција, изолација и неизвесност. Одлучуваат граѓаните кои ќе излезат и ќе гласаат на 30 септември. Одлуката за иднината ја носи огромното мнозинство кое ќе каже ЗА европска Македонија, смета СДСМ.