Одлика на работата на градиначалниците на ВМРО-ДПМНЕ е неодговорност, неспособност, нефункционалност на општините, покачување на цените комуналните услуги,  задолжување со обврзници, се истакнува во денешното соопштение од владејачкиот СДСМ, кој повторно ја обвинува опозицијата за задолжување во време кога оваа партија како предводник на централната власт ја задолжи Македонија до гуша.

Во продолжение целото соопштение:

Градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски успеа за само една година, Аердром од најбогата општина, да го доведе во долгови и започна постапка за задолжување на општината со долгорочна денарска обврзница од 5,4 милиони евра.

Не се знае колкава ќе биде каматата, ниту кој ќе ја купи обврзницата, дали тоа може да биде некоја голема градежна фирма, која после ќе диктира промена на детални урбанистички планови во нејзина корист и на тој начин општината ќе стане нејзин заложник.

Наместо развој и решавање на проблемите, аеродромци добиваат долг од 5,4 милиони евра кој ќе го враќаат во следните 10 години.

Од овој месец, Општина Гевгелија, а од претходно и општините Прилеп, Охрид, Битола, Штип и Радовиш драстично ги зголемија цените на комуналните услуги со што дополнително удрираат врз стандардот на граѓаните.

Прекинати проекти, партизација и задолжување на општините и удар врз џебот на граѓаните, тоа е сработеното на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ во првата година од нивниот мандат.

Локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ е најнеспособната локална власт во историјата на државата.

СДСМ – Центар за комуникации со јавноста