Најавата за блокада на еколошката такса е силна потврда дека оваа партија е се уште нереформирана, ја обвинува денеска владејачкиот СДСМ опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Стана практика СДСМ за се што (не) направи вината да ја бара кај опозицијата и преку шапирографски соопштенија секојдневно да ја убедува јавноста дека опозицијата е пречка власта да гради се она што вети, а не изгради, иако веќе власта предводена од СДСМ го тера вториот мандат.
Го објавуваме и денешното соопштение на СДСМ во целост, иако досега е многу пати повторено:
Во ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски нема нова понуда, нов концепт на повидок.
Провидна лага се наводните нови политики на ВМРО-ДПМНЕ, партија чии деструктивни и расипнички политики 11 години ја изолираа и држеа во заложништво државата и брутално ги понижуваа граѓаните.
Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ немаат капацитет да понудат нов концепт се додека одржуваат тесни врски со луѓето од мрачното минато на државата.
ВМРО-ДПМНЕ за време на преодната Влада блокираа поставување на модуларни болници, денес силно се противат на изградба на нов Клинички центар.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието се противеа на растот на платите и пензиите.
ВМРО-ДПМНЕ се противат над 4.700 наставници и стручни соработници да добијат трајно вработување.
Најавата за блокада на еколошката такса е силна потврда дека оваа партија е се уште нереформирана, дека единственото нешто што Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ знаат да понудат се блокади и деструкции.
Граѓаните го ценат ваквиот однос на ВМРО-ДПМНЕ и затоа наесен ќе им испорачаат нов пораз на погубните политики на Мицкоски.
Центар за односи со јавноста на СДСМ