Премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев на прес-конференција на 31 октомври најави оставки на двете функции. Формално, Заев нема се уште поднесено оставки на функциите, потврдуваат и од Собранието и од СДСМ. Од владејачката партија нагласуваат дека на денешниот состанок на раководството на партијата биле утврдени следните чекори на партијата што ќе се ефектуираат од наредната недела.
-Не станува збор за формална оставка доставена од претседателот Зоран Заев туку за оставката која тој ја најави на 31 октомври на прес-конференција во СДСМ, појаснуваат за МИА од владејачката партија.
СДСМ денеска во соопштение посочи дека согласно статутарните одредби, со оставката на Заев на местото лидер на партијата, во оставка е и целото раководство на СДСМ.
Заедно со претседателот Зоран Заев, партиското раководство работи на решенија и одлуки со кои СДСМ се реорганизира со единствена цел да продолжи да му служи на својот народ на највисоко можно ниво и секако да биде водечка партија во парламентарното мнозинство кое го одржува реформскиот и прогресивен курс на земјата, стои во соопштението.
– На денешниот состанок на раководството се утврдија следните чекори на партијата кои од наредната недела ќе бидат ефектуирани, за што јавноста, граѓаните, ќе бидат информирани, истакнаа од СДСМ. Заев на состанокот информирал за консултациите и разговорите со коалициските партнери.