Патот на правдата е чист, ние градиме силна правна држава, се истакнува во денешното соопштение од владејачкиот СДСМ, во кое повторно ја обвинува опозицијата за „кочење на правдата“ во Македонија.

Во ваквите соопштенија и секојдневни обвинувања на опозицијата од власта која го тера вториот мандат, тешко дека ќе веруваат и членови на партијата. Но, во интерес на јавноста, за да има претстава како размислува власта за проблемите кои што таа ги креираа и решава, го објавуваме комплетното соопштение од СДСМ за настаните во случајот со Сашо Мијалков:

-СДСМ гради силна правна држава, во која редот, правдата и дисциплината на сите нивоа се приоритет. Пропаднаа сите обиди на губитникот Христијан Мицкоски да го одбрани криминалот и да ја спречи правдата. Случајот со Мијалков е последниот пораз на Мицкоски. Се што прави Мицкоски е да го заштити Груевски, да ги заштити Мијалков, Камчев, Милошоски, Димовски, Јанушев и сите останати сегашни и поранешни функционери на ВМРО ДПМНЕ, против кои се водат процеси пред надлежните судови. Сите блокади, кочници, деструктивното однесување на ВМРО-ДПМНЕ се обиди да се спасат криминалците во нивните редови. Токму затоа Мицкоски беше против носење на Законот за Јавно обвинителство со што предметите на СЈО добиваат судска разрешница, токму затоа Мицкоски застана во одбрана на осудените за 27 април. Не успеа Мицкоски да ги одбрани криминалите на луѓето што го поставија за шеф на ВМРО-ДПМНЕ и останува осамен на браникот на криминалот. Патот на правдата е чист и се почесто ќе бидеме сведоци на спроведена правда и на силен одговор од институциите за сите кои се ставаат над Законот. Ред, правда и дисциплина има и ќе има, а секој што се огрешил пред законот ќе се одговара, гласи соопштението од Центарот за односи со јавноста на СДСМ.