Владата предводена од СДСМ продолжува со заложбите за поголема помош на граѓаните, компаниите, стопанството погодени од коронакризата, преку пакет економски мерки кои имаат за цел зголемување на личната, но и јавната потрошувачка и ќе допринесат за побрза трансформација на економијата.
Ова се истакнува во денешното соопштение од СДСМ, кое во продолжение го пренесуваме во целост:
Во таа насока е и третиот пакет на економски мерки усвоен од Владата предводена од СДСМ вреден 355 милиони евра ,наменет за над 730 илјади корисници. Заедно со првите два пакета мерки, станува збор за вкупен влог од 550 милиони евра или 5,5 отсто од БДП.
Третиот пакет ги опфаќа сите невработени лица, социјално ранливите категории, младите, домаќинствата со ниски примања и медицинските лица. Ги опфаќа и сите сектори погодени од кризата, домашните фирми, извозните компании, услужната дејност, земјоделството и туризмот.
Пакетот вклучува повеќе можности за граѓаните како платежна картичка од 150 евра за македонски производи и услуги за околу 100,000 граѓани. Право на оваа картичка имаат сите невработени лица, баратели на работа кои немаат над 15,000 месечни приходи, како и примателите на гаранатирана минимална помош, а со неа, во период од 30 дена ќе можат да се купуваат домашни производи и услуги, но и да се плаќаат тековни сметки. Оваа картичка ќе можат да ја добијат и лицата кои имаат блокирани сметки.
Третиот сет на мерки, со 16 милиони евра, го поддржува и македонскиот туризам.
Имено, сите вработени граѓани што примаат плата помала од 15,000 нето месечно и немаат други приходи, ќе добијат ваучер за користење сместувачки капацитети во земјата од 100 евра и платежна картичка од 50 евра за купување на домашни производи и услуги.
Поддршка од 9 милиони евра за 100,000 млади, студенти и средношколци.
Мерката опфаќа ваучери од најмногу 100 евра за покривање на партиципација во Универзитет како и сместување во студентски, ученички домови и регистрирани сместувачки капацитети за студенти и средношколци. Младите ќе добијат и платежна картичка, во вредност од 50 евра за домашни производи и услуги.
Со 3 милиони евра, ги поддржуваме младите да стекнат нови знаења кои ќе им овозможат брзо вработување во новата развојна економија. Оваа мерка ќе опфати од 7,000 до 10,000 млади до 29 години, кои ќе посетуваат академии во земјава за дигитални и ИТ вештини.
СДСМ покажа дека од економија во минус, можеме да изградиме економија во развој, покажавме дека можеме да се избориме со досега невидена здравствена криза, така и ќе продолжиме и ќе покажеме дека можеме да се справиме и со негативните економски последици.
СДСМ – Центар за комуникации со јавноста