За СДСМ Декларацијата што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во Собранието по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев е политичко подметнување од страна на ВМРО-ДПМНЕ со цел да се продлабочат поделбите во македонскиот народ и оди на штета токму на неговиот лик и дело.
Од партијата бараат ВМРО-ДПМНЕ да ја повлече Декларацијата и, како што велат, ако навистина сакаат да ја видат С. Македонија во ЕУ да се вклучат на конструктивен начин во процесите кои се од национален интерес.
–Гоце Делчев е еден од најзначајните македонски национални херои чие наследство силно го промовираме. Од овој став не сме отстапиле ни милиметар. Популистичките игри на ВМРО-ДПМНЕ се на штета на ликот и делото на великанот Делчев. Наспроти ваквото политиканство во најдобриот дух на визијата на македонскиот великан ние почнавме со градење мостови и културен натпревар со цел решавање на сите отворени прашања. Тоа бил и неговиот поглед за иднината и тоа е духот во кој ќе продолжиме понатаму. Срамно е што ВМРО-ДПМНЕ се обидува ова да му го направи на македонскиот херој Гоце Делчев, рече на прес-конференција во Собранието координаторот на СДСМ Никола Митрески.
Според СДСМ, македонскиот национален херој Делчев не заслужил да биде сведен на политичка декларација, а делото на великанот и неговиот историски придонес во создавањето на македонската држава не заслужува ваков потценувачки однос.
-Моштите на Гоце Делчев се во Скопје во главниот град на македонската независна држава и тука ќе останат. Гоце Делчев е вграден во македонската национална химна и таму ќе остане. Имаме град што го носи неговото име, училишта и библиотеки, улици и бројни споменици. Големо е неговото дело и почитта кон него, рече Митрески.
За СДСМ декларацијата е политичко подметнување од страна на ВМРО-ДПМНЕ со цел да се продлабочат поделбите во македонскиот народ.
-Партијата која постојано е против нашите евроинтеграции во нивниот познат манир по стоти пат ја промашија темата. Бранат нешто што не е нападнато и со тоа си ја покажуваат сопствената несигурност и аматеризам. Таквата несигурност, таквиот аматеризам и таквиот дилетантизам нема да дозволиме да биде пренесен на граѓаните. Нема да дозволиме да ни држат лекции оние кои со бројни потези го срамат ликот и делото на Делчев, рече координаторот на СДСМ.
Тој истакна дека вакво, како што рече, политичко понижување на делото на Делчев е штета на грбот на националниот интерес и прави да нема разлика помеѓу Христијан Мицкоски и некои други бугарски политичари кои имаат за една цел – градење на политички кариери преку одржување на спорот меѓу двете држави.
-ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски треба да се засрамат и да ја повлечат нивната т.н. декларација. Ги повикуваме, ако навистина сакаат да ја видат С. Македонија во ЕУ да се вклучат на конструктивен начин во процесите кои се од национален интерес. СДСМ и коалицијата нема да учествува во нивниот дневно-политички театар на кој единствена цел е да им помогне на оние центри кои не сакаат С. Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, рече Митрески додавајќи дека затоа бараат декларацијата да биде повлечена.