СДСМ на локалните избори во октомври нема да има свои кандидати за градоначалници во неколку општини, каде што пак свои кандидати има долгогодишниот коалициски партнер, ДУИ.

Како што брифираат од партијата, пишува Либертас, со одлука на Извршниот одбор, СДСМ нема да има кандидати во дел општини во западниот дел од земјата и тоа во Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и во Желино. Без свои кандидати СДСМ ќе биде и во две скопски општини – Сарај и Чаир.

Во сите овие општини, СДСМ ќе има само листи за советници.

Претседателот на партија Венко Филипче деновиве соопшти 19 кандидати за градоначалници кои добиле согласност од Извршниот одбор да се борат за мандат на локалните избори во октомври.

Медиумите ваквиот потег на СДСМ го коментираат како „потврда на она што се насетуваше“.

„СДСМ и ДУИ ќе бидат во коалиција за локалните избори. Намерата во Бихаќка и во Мала Речица е онаму каде што ќе има канидат за градоначалник СДСМ да нема ДУИ и обратно. Засега е договорено СДСМ да нема кандидати во Сарај, Чаир, Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и Желино. Токму онаму каде што ДУИ се надева дека има градоначалник од своите редови“, објави Република.

Што се однесува до советничките листи, пишува Република, и двете партии ќе имаат свои листи и на тој начин да се измерат колку вредат кај гласачите.

СДСМ и ДУИ заедно владееја 7 години како коалициски партнери во централната власт на Република Македонија.

Фото: Архива