Ничие лично право не е и не може да биде над правото на заштита на здравјето на граѓаните, се истакнува во денешното соопштение од владејачкиот СДСМ, кое повторно е искористено за напад на опозицијата за сите неволји што владејачката партија им ги донесе на граѓаните.
Според соопштенијата што ги лиферува СДСМ се добива впечаток дека опозицијата е виновна и за се она што власта не успева во здравството: навремена набавка на вакцини, задоцнета вакцинација, задоцнети мерки против ширењето на коронавирусот, за празните фрижидери со кои премиерот Зоран Заев и министерот Венко Филипче се сликаа додека во другите земји масовно се вршеше вакцинација итн. Го објавуваме и денешното соопштение онака како што е напишано од Бихаќска:
Новите мерки и масовната вакцинација се во насока на заштита на здравјето на граѓаните и колективното здравје откако новиот сој на корона вирусот почна да се шири.
Мерките кои веќе се применуваат во многу други земји, не ги делат луѓето туку го заштитуваат нивното и колективното здравје.
Ничие лично право не е и не може да биде над правото на заштита на здравјето на граѓаните.
Наместо да повика на доследно почитување на постоечките мерки за заштита и масовна вакцинација на граѓаните медицинскиот пироман Христијан Мицкоски повторно е на страната на корона вирусот.
Од самиот почеток на ковид кризата Мицкоски прави се да го поткопа системот, да поттикне непочитување на мерките и да ги одврати луѓето од масовната имунизација.
Делувањето на пироманот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се на директна штета на здравствениот систем и претставува опасност по здравјето на граѓаните.
Граѓаните го казнија ова некрофилно и пироманско однесување на Мицкоски и тоа ќе го сторат повторно.
Апелираме граѓаните да ги почитуваат новите мерки и да се вакцинираат. Повеќе вакцинирани, значи помалку хоспитализирани и помалку рестрикции, значат заштита на здравјето на сите.
Центар за односи со јавноста на СДСМ