ВМРО-ДПМНЕ упорно шири лажни вести и невистини за Петре Шилегов затоа што не може да се помири со фактот дека три години Скопје се развива, прераснува во модерен, отворен европски град.
Ова се истакнува во денешното соопштение од СДСМ во кое се велича нивниот градоначалник Шилегов, а за се што е лошо во Скопје „виновни се ВМРО-ДПМНЕ“. Во продолжение целото соопштение од владејачките социјалдемократи од Бихаќска:
Вистина е дека ниту еден денар од градската каса не влегол во адвокатското друштво на скопскиот градоначалник и тоа нема да го промени ниту една лага од белиот дворец.
За ВМРО-ДПМНЕ никогаш не биле важни интересите на Град Скопје, интересите на скопјани, за ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш бил важен само личниот и партиски интерес.
Затоа го опустошија Скопје, затоа, во време на нивното режимско владеење потрошија 600 милиони евра, пари на граѓаните, во центарот на Скопје за споменици, лажен барок, палми, лавови и жални врби, додека илјадници граѓани на Скопје живееја без водовод и канализации.
Од град со зеленило, дрвја и паркови, ВМРО-ДПМНЕ го претвори Скопје во загаден град, заради бизнис и лични интереси.
ВМРО-ДПМНЕ може само да учи од градската власт предводена од СДСМ и градоначалникот Петре Шилегов, како изгледа вистинска грижа за градот Скопје и неговите жители.