Новата влада предводена од СДСМ во следниот четиригодишен мандат продолжува со политиките кои ја движат државата напред, по европскиот пат кој го трасираше изминатите три години, соопштија денеска од СДСМ.
– Пред нас престојат 4 години на напредок, развој и интеграција, период на домашни реформи во кои ќе гледаме како земјата ни се трансформира кон подобро, 4 години во кои како држава многу повеќе ќе добиеме отколку што ќе дадеме. Историскиот исчекор на земјава напред е силна потврда дека заложбите на Владата предводена СДСМ се вистински и реални, насочени исклучиво кон заштита на интересите на граѓаните, на државата. Напредокот кој го постигнавме за краток период, зеленото светло за започнување на преговорите со ЕУ, отворање на поглавјата за евроинтеграција на земјава се доказ дека сме на правиот, вистинскиот пат. Затоа е потребно секој од нас да се ангажира и да работи двојно повеќе, за целото општество да добие многу повеќе. Како одговорна партија, пред граѓаните се обврзавме дека ќе работиме уште повеќе, за да биде уште подобро за сите. Продолжуваме со принципите дека интересите на граѓаните и државата се над се и тоа ќе го покажеме и во новиот, полн четиригодишен мандат, се вели во соопштението од Центарот за односи со јавноста на СДСМ.