Владата предводена од СДСМ успеа да ја спаси македонската економија и успеа да ја одржи и да се развива во услови на најтешка криза, соопшти денеска владејачкиот СДСМ.
Во продолжение целото соопштение од партијата:
Синоќа се одржа седница на Централниот одбор на СДСМ на којашто се дискутираше за актуелната состојба во земјата, економските текови, енергетската стабилност, антикризните мерки и политики на партијата за справување со последиците од глобалната економска и енергетска криза.
Оценка на Централниот одбор е дека во тешки глобални услови, со најголемите пакети антикризни мерки во регионот од 760 милиони евра Владата предводена од СДСМ успеа да ја спаси македонската економија и успеа да ја одржи и да се развива во услови на најтешка криза.
Во пресрет на зимата обезбедени се финансиски средства, електрична енергија и енергенси за да ја пребродиме во услови на глобална економска и енергетска криза.
Нашиот енергетски систем е стабилизиран и во првата недела од декември ќе биде целосно консолидиран.
Интензивно сме посветени на трансформација на енергетиката, лидери сме во регионот како земја која почна со трансформација на производство на електрична енергија од обновливи извори.
Само во изминатите 10 месеци од мандатот на Владата предводена од Димитар Ковачевски, имаме веќе инсталирано 27 мегавати фотонапонски централи во државата.
До крајот на иднината година, 2023 година, по пат на јавно приватно партнерство ќе бидат пуштени во употреба 130 мегавати на фотоволтаични централи.
Новите антикризни мерки веќе ги даваат резултатите, се намали цената на лебот, во наредниот период очекуваме намалување на цените на основните прехранбени производи од 10% и повеќе.
На седницата се отвори и дискусија за нови политики. Во рамки на тековната широка општествената дебата членовите на ЦО на СДСМ разговараа за реформата на програмите за директна поддршка во земјоделството и руралниот развој, новиот модел за субвенции како и за подобрување на фискалниот и финансискиот систем, којшто ќе овозможи раст и развој во 2023 година, целосно и навремено реализирање на сите функции на државата со фокус на капиталните инвестиции и зајакнување на живониот стандард на граѓаните.
Суштината на новиот модел за субвенции е реорганизација за поголемо производство на храна и домашно земјоделско производство, без кратење на досегашната поддршка и распределба во повеќе програми со цел поголем ефект.
Моделот предност дава и поголема поддршка за вистинскоте земјоделци чија основна дејност е земјоделството, е правден и правичен.
Даваме приоритет и поголема поддршка за она што пазарот го бара како стратешки производ и култури. Ги издвојуваме стратешките култури и производи кои влијаат во економијата на државата, за нив се зголемува финасиска поддршка со цел да овозможиме уште поголем развој и принос на стратешките важни култури и производи.
Го поттикнуваме домашното производство во домашните капацитети.
Опшетствената дебата за овие исклучително важни реформски процеси е додадена вредност и Централниот одбор на СДСМ очекува консултативниот процес да продолжи, заедно со стручата јавност, со цел заедно да креираме финален концепт за реформите во однос на новиот модел за субвенциите како и за реформите за подобрување на фискалниот и финансискиот систем.
Внатрепартиски, оценка на ЦО е дека СДСМ е консолидирана партија, повторно на победничките патеки, којашто успешно менаџира со политичките процеси во земјава, но и со кризата во еден мошне тежок период за целиот свет.
СДСМ е меѓу граѓаните, трибините „Силно и одлучно кон иднината“ се масовно посетени, што значи дека политиките на партијата се препознаени и поддржани од граѓаните.
Присуството на СДСМ на терен со граѓаните ќе продолжи и во иднина, заедно да зборуваме за нашата визија, за политиките за енергетската транзиција, за мерките и политиките на партијата, за новите политики за општествени промени, како и за иднината на државата како полноправна членка на ЕУ.
Центар за односи со јавноста на СДСМ