Додека актуелните носители на јавни функции штедат и значително ги намалуваат трошоците, Ѓорге Иванов, човекот кој ја извршуваше функцијата претседател и во пензија продолжува со расипничко трошење на парите од Буџетот, објави СДСМ.
– Срамно и неодговорно е Иванов да ја демантира Државната комисија за спречување на корупцијата и да тврди дека не плаќа месечен закуп од 4.500 евра туку „само“ 1.950 евра. Научен на расипништво и непочитување на институциите Иванов треба да знае дека вкупните месечни трошоци изнесуваат 4.500 во кои влегува и киријата од 1.950 евра за канцеларискиот простор, како и плаќање на комуналните сметки, плати за тројца вработени и еден возач и пензијата на Иванов. Дури и да се земе предвид само закупнината повторно се гледа расипништвото на Иванов. Ако се погледне во Алатката за отчетност, за месец Мај 2019, вкупните трошоци во ставката ,,Закупнина за стан за фунционери кои живеат надвор од Скопје”, изнесува 157.760 денари и се однесува за 7 носители на јавни функции, или просечно по 22.537 денари по лице, што во споредба со трошокот на Иванов од 120 000 денари е над пет пати помалку, тврди СДСМ.
Натаму во реакцијата од СДСМ на реакцијата на експретседателот Иванов до Антикорупциска дека ги надува трошоците, се додава:
– Според последните информации објавени преку Алатката за отчетност, вкупните лични службени трошоци на членовите на Владата на РС (на Зоран Заев) во периодот декември 2018 – мај 2019 се намалени за 26 отсто во однос на првиот мониториран циклус од јуни до ноември 2017 година. Додека актуелните функционери трошат одговорно и домаќински, Ѓорге Иванов, човекот кој во најголемите кризи не изусти еден збор, денес бесрамно се расфрла со државни пари, обвинува СДСМ.
Експретседателот Иванов денеска реагираше откако антикорупциската комисија даде препорака до Владата да се раскине договорот за закуп на неговите деловни простории. Иванов тврди дека претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, манипулира со јавноста бидејќи, како што вели, просторот се изнајмува за 1.950 евра месечно, а не за 4.500 евра.
Иванов на својот профил на Фејсбук го објави и документот за кој станува збор.