Новите влади на РС Македонија и Република Бугарија отворија ново поглавје во билатералните односи.
Ова се истакнува во денешното соопштение од владејачкиот СДСМ, кое во продолжение го објавуваме интегрално:
Потврда за тоа е успешната меѓувладина седница на која беа формирани пет работни групи и се потпишаа важни меѓудржавни договори и меморандуми за проекти од интерес на граѓаните на двете држави.
Двете влади и надлежните министерства ќе соработуваат во областа на инфраструктурата, земјоделството, аграрни науки, развој на малите и средни претпријатија, либерализација на превоз на стоки, намалување на цената на роамингот, а посебен фокус ќе се стави на железничкото поврзување и инвестиции во важни патни делници од Коридорот 8.
Ова е сериозен исчекор во унапредување на односите меѓу двете земји кој носи придобивки за двете земји.
Владата предводена од СДСМ во следниот период ќе се посвети на зајакнување на соработката на Северна Македонија и Бугарија преку културни, образовни и младински размени, инфраструктура, мобилност, дигитализација, брз проток на информации.
Со ваквиот пристап, низ дијалог и соработка не само што ќе се продлабочи соработката, туку и ќе се најде заедничко прифатливо решение за отворените прашања.
Убедени сме дека во духот на европските вредности, зачувувајќи го нашето достоинство ќе најдеме решение за отворените прашања со што ќе се надминат пречките за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ.
СДСМ преку Владата што ја предводи останува посветена на обезбедување европска иднина и засилена соработка со нашите соседни земји.
Центар за односи со јавноста на СДСМ