Кога и да се одржат избори, СДСМ е апсолутен фаворит, а тоа е потврдено и со истражувањата на јавното мислење кои покажуваат дека СДСМ е партијата со најголема доверба кај граѓаните, соопшти денеска СДСМ.

– Јавноста, граѓаните, ги препознаваат испорачаните резултати, препознаваат дека за разлика од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ кога парите завршуваа во белиот дворец, денес се повеќе пари завршуваат во семејните буџети и во реални мерки и политики што го поттикнуваат економскиот раст и развој. Успешноста на економските политики на СДСМ и Владата кој ја предводи се потврдуваат преку раст на СДИ кои само за една година пораснаа за 260 отсто, односно од 205 милиони во 2017 година на 737 милиони долари во 2018 година. Без скапи кампањи, рекламни роуд шоуа на што ВМРО-ДПМНЕ трошеше милиони евра, денес, реализирани и во фаза на реализација се 20 странски инвестиции во Индустриските зони и надвор од нив со проектирани над 4.800 вработувања. Денес растот на БДП изнесува рекордни 4,1 отсто! За време на ВМРО-ДПМНЕ економијата беше во длабок минус од 1,8 отсто, а граѓаните и фирмите оставени во долгови и сиромаштија. Платите растат во континуитет, а позитивната економска клима резултираше со нови работни места и намалување на стапката на невработеност на рекордни 17,8 отсто, се вели во соопштението.

Натаму во соопштението се продолжува со детали од „розовата слика“ во Македонија:

– Наместо капитални инвестиции во барок, споменици, жални врби и палми, денес навистина се инвестира во развој и унапредување на инфраструктурата. Колку и да е тоа несфатливо во ВМРО-ДПМНЕ, денес се гради како никогаш досега. До овој момент, изградени и рехабилитирани се преку 500 километри патишта, инвестиции со вкупна вредност од околу 540 милиони евра. Владата предводена од СДСМ, во овој момент инвестира преку 850 милиони евра во проекти во патната инфраструктура, а истовремено се гасифицира цела држава, се градат нови водоводи и канализации. СДСМ останува посветена на реализација на мерките што обезедуваат економски раст и повеќе пари кај граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на безидејноста, одбраната на криминал и деструктивно однесување. СДСМ испорачува резултати, а ВМРО-ДПМНЕ брани криминал, нема идеја ниту програма, се вели во соопштението од Центарот за комуникации на СДСМ.