СДСМ за време на своето владеење ја зацврсти позицијата на Македонија во борбата против корупцијата, а сегашнава влада го го врати нашиот рејтинг назад, истакнува опозициската СДСМ во денешното соопштение, во чиј мандат се случија најголемите корупциски афери во Република Македонија.
Во продолжение целото соопштение од партијата која без срам и перде говори за корупцијата во земјава:
Резултатите од годишниот извештај на „Транспаренси интернешнл“ се уште еден доказ за неспособноста и неуспехот на Владата предводена од ДПМНЕ. Македонија бележи катастрофален пад од 12 места во Индексот за корупцијата за 2024 година, што претставува прво назадување на нашата држава од 2019 година.
Оваа Влада ветуваше „беспоштедна борба против корупцијата“, но за само осум месеци успеа да ја доведе Македонија до најслабата позиција на скалата во последните пет години. Со падот на два поени и рангирањето на 88 место, граѓаните јасно покажуваат дека немаат доверба во нивните политики и дека корупцијата е полоша од било кога.
Додека соседните земји, како Албанија и Косово, прават сериозни чекори напред – Албанија е осум места пред нас, а Косово дури петнаесет – Македонија под оваа Влада се движи наназад.
СДСМ за време на своето владеење ја зацврсти позицијата на Македонија во борбата против корупцијата, овозможувајќи континуирано напредување на индексот од 2019 до 2023 година. За разлика од тоа, Владата на ДПМНЕ го врати нашиот рејтинг наназад, а земјата ја ставија во групата на најкорумпирани држави во Европа.
Одговорноста за овој неуспех е кај Владата, наместо да ја лаже јавноста со празни ветувања и пропаганда треба да покаже системски мерки и реформи за борба со корупцијата.
СДСМ останува цврсто посветен на борбата против корупцијата и изградбата на институции кои ќе служат на граѓаните, а не на партиските интереси.
СДСМ – Центар за комуникации со јавноста
Фото: архива