Цела недела ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски одбиваат да ја потпишат Резолуцијата со која јасно и недвосмислено би се спречило прифаќање мигранти за пари во Македонија, истакна на прес – конференција генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, што ја пренесуваме интегрално.
Зошто? Затоа што договор има. Да немаше скриени агенди и дилови под маса, Резолуцијата одамна ќе беше потпишана.
Денеска го разоткриваме пеколниот план на ВМРО-ДПМНЕ национално предавство за пари.
Во буџетот нема пари. За првпат во историјата, утре – 15 декември – се затвора Трезорот.
Државата доцни со сите исплати: нема пари за плати, пензии, социјална помош, породилно, нема ни за поврат на ДДВ. Дупката изнесува најмалку 1 милијарда евра.
Но власта не се грижи за граѓаните, се грижи само за себе. За бизнисите со наместени тендери, за криминалот и за пумпањето пари од буџетот очајно им треба свеж кеш.
Затоа ја продаваат Македонија. Затоа прифатиле мигранти во пакет со кредити од 6 милијарди евра.
Паралелно, ВМРО-ДПМНЕ спроведува намерна изолација и ја држи Македонија надвор од ЕУ. Не за заштита на националните интереси, туку за свесно оддалечување од Европа.
Изолацијата е стратегија. Без ЕУ, без европски контроли и без европско правосудство – полесно се краде и нема одговорност за никој.
Македонија сакаат да ја претворат во црна точка на Европа.

Тука влегуваат мигрантите.
27 земји членки на Советот на Европа јавно бараат ревизија на Европската конвенција за да се олесни депортацијата на мигранти. Каде ќе одат тие луѓе? Во земји надвор од ЕУ – како Македонија.
Доколку во Македонија се донесат мигранти осудени за сериозни кривични дела, тоа ќе значи директна закана по безбедноста на државата.
Во исто време, тоа целосно ќе го закочи европскиот пат, затоа што со евентуален влез во ЕУ повторно би се отвориле вратите кон Унијата – нешто што европските земји сакаат да го спречат.
Затоа на ВМРО-ДПМНЕ ѝ одговара Македонија да остане изолирана.
Ова е нивниот „win-win“ :Британија депортира мигранти за пари, а ДПМНЕ добива изолирана држава во која непречено продолжува кражбата.
Губитници се само граѓаните и иднината на Македонија.
Затоа имаме обврска да се спротивставиме. Одбраната на Македонија започна – и нема да престане.
СДСМ




