СДСМ и македонските граѓани избраа иднина и избраа да чекорат напред, многу одамна, а Бранко Црвенковски е историја, се вели во реакцијата од владејачкиот СДСМ, во врска со ставовите на Црвенковски за сегашниот лидер Зоран Заев, за историјата на Македонија и односите со Бугарија.
Во продолжение целото соопштение од Бихаќска:
Секој има право на свое мислење и став, дури и кога доаѓа после години молк. Но граѓаните и СДСМ, одамна и на време избраа европска иднина. Избраа да носат храбри и патриотски одлуки, кои конечно и практично ја движат македонската држава и целиот наш македонски народ кон исполнување на стратешките цели НАТО и ЕУ. Денеска резултатите на политиките на СДСМ и на Владата предводена од СДСМ се видливи на дело, а не само на зборови.
Искажаните ставови на претседателот на партијата и премиер, Зоран Заев, се ставови на СДСМ.
Овие ставови се изградени во рамки на партијата и нејзините органи, овие ставови се државни ставови и државни позиции, врз основа на довербата на граѓаните на последните избори.
Став на партијата, на Владата, на претседателот Заев, но и државна позиција е дека македонската иднина е во Европската Унија, дека Македонците со својот македонски јазик чекорат напред кон Европа, кон просперитет и кон пријателство со сите соседи.
Обраќањето на поранешниот претседател, Бранко Црвенковски, после долги години молк и немање став за важни државни или национални прашања, нека го толкуваат граѓаните. Дали е тоа принципиелен однос кон својата партија и кон членството на СДСМ, ќе ценат членовите на СДСМ и граѓаните.
Во исто време, СДСМ и натаму ги почитува и ќе ги почитува сите важни политички одлуки кои партијата ги донела во времето кога беше раководена од Црвенковски, а со кои државата беше насочувана кон прогрес и кон демократски и европски вредности.
СДСМ нема да навлегува во личните мотиви на Црвенковски, искажани во клучни моменти кога на цела држава и е потребен разум за остварување на стратешките цели поставени од независноста, меѓу кои и членство во ЕУ.
Знаат граѓаните што е вистина и кој се бори за македонската иднина, кој го заштити македонскиот идентитет во најтешките преговори во историјата на земјата.
Знаат граѓаните кој носи одлуки без разлика на политичката кариера, исклучиво водејќи се од интересот на целиот наш народ и татковината.
Стаутот на СДСМ утврдува точни демократски процедури по кои низ организте на партијата се спроведуваат внатрепартиските консултации, дискусии и носењето на одлуки.
Моќта на СДСМ произлегува од секој член на СДСМ и од високата свест за одговорност и државништво на секој член на СДСМ.
СДСМ и македонските граѓани избраа иднина и избраа да чекорат напред, многу одамна, а Црвенковски е историја. СДСМ била, е и ќе остане државотворна партија и својата државотворност секогаш ја зајакнувала во вакви исклучително важни моменти.