Како ќе се одвива наставата од 1 септември, според најавите, требаше да биде познато на 10 август, но во изминатите два дена и на помалку од три недели до почетокот на 2020/2021 нема одлука и не се соопштуваат протоколите што ги утврдуваат Комисијата за заразни болести и работната група на Министерството за образование и наука.

Завчера тие го одложија состанокот за вчера наутро, а вчера состанок не се одржа. Владата  попладнето соопшти дека на седница ја усвоила Информацијата на МОН со План за одржување на наставата, со заклучок таа да биде споделена со Комисијата за заразни болести и потоа, врз основа на мислење на Комисијата, ќе биде донесена и одлука за моделот за организирање и спроведување на наставниот процес во основните и во средните училишта.

А ставот на Комисијата во изјава го кажа министерот за здравство Венко Филипче – поради неизвесноста со состојбата со КОВИД-19 наесен и можните ризици од ширење на заразата, наставата да биде онлајн, освен за најмалите ученици.

– Став на Комисијата за заразни болести е наставата да почне да се одвива онлајн, освен во првите одделенија во кои е неопходно физичко присуство на децата. Стравувавме во оваа ситуација, на есен, кога не знаеме што може да нè чека и со што се соочуваме, како и сите земји во Европа, дека ќе биде многу ризично да дозволиме децата да се вратат без никакво ограничување во затворена просторија, изјави Филипче, додавајќи дека треба да се имаат предвид ризиците за време на транспортот од и до училиштата, комуникацијата на децата за време на одморите, на влез во училиштето, во заедничките простории и ходниците.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми, пак, во петокот презентираше резултати од истражување на МОН и УНИЦЕФ за искуствата од март-јуни 2020  и за мислења како да продолжи наставата, според кои мнозинството директори на училишта, наставници и родители се за отворање на училиштата и за настава со физичко присуство или комбинирано со периодични ротации на учениците. Адеми посочи дека конвенционалната настава во училница е незаменлива и дека и во најразвиени земји кои, како што рече, имаат беспрекорни технички услови за е-настава, не ја организираат целосно.

-Преовладува позитивно мислење во Координативниот кризен штаб и во Владата, но и во образовните институции, учебната година да почне со физичко присуство. Не прејудицираме, се разгледуваат сите можни опции, ги имаме протоколите за сите модели на настава кои се подготвуваат низ инклузивен пристап со консултација на сите засегнати страни за да имаме издржани решенија, рече Адеми во петокот.

 

Претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ди Џовани, на презентацијата истакна дека поради пандемијата образованието се преориентирало онлајн, но дека има сѐ повеќе докази за негативното влијание од затворените училишта –  долгорочни последици врз учењето на децата, назадување во образовните придобивки стекнати во последните години. Апелираше децата да не станат „скриени жртви на пандемијата“, што е став општо на Обединетите нации кој пред една недела го изнесе генералниот секретар Антонио Гутереш.

Тој нагласи дека милијарда ученици се погодени од затворањето на училиштата поради  коронавирусот, што довело до најголемо нарушување на образованието во историјата. Со затворените училишта во повеќе од 160 земји светот, рече Гутереш, се соочува со „генерациска катастрофа што може да доведе до губење на незамислив човечки потенцијал, да поткопа децениски напредок и да ги влоши вкоренетите нееднаквости“.

По повод почнувањето на кампањата на ОН „Да ја спасиме нашата иднина“, генералниот секретар порача дека враќањето на учениците во училиштата што е можно посигурно мора да биде главен приоритет кога локалниот пренос на вирусот ќе се стави под контрола.

Во согласност со епидемиолошката состојба, веројатно, се и различните одлуки на земјите во Европа – во некои ќе се одржува настава со присуство во училиштата, а други, меѓу кои и некои околни земји, како Србија, веќе решија учениците од пониските одделенија да бидат во клупите со сите мерки за заштита, а останатите да следат настава од далечина.

Петицијата што деновиве почна кај нас на интернет за поддршка на наставата од дома, ја потпишаа веќе две илјади граѓани и ја пратиле до надлежните институции. Далечинското учење, според нив, треба особено да ги опфати учениците од прво до петто одделение поради нивната возраст и неможноста самостојно да ги почитуваат здравствените протоколи.

Паралелно со утврдувањето модели и усогласувањето протоколи како да почне новата учебна 2020/2021 година, Министерството за образование и наука почна да работи на креирање унифицирана национална платформа за далечинско образование затоа што искуствата од трите месеци онлајн-настава покажале недоволни дигитални компетенции кај најголем број од субјектите (ученици, наставници, родители), лоша ИКТ-опременост (немање или несоодветни ИТ-уреди, пристап до интернет).

Пред месец и пол МОН објави нацрт-концепт за националната платформа, отворен за сугестии и предлози, со укажување дека целта е да се создаде системско решавање на учењето од далечина – не само во услови на пандемија, туку како нов, дополнителен, алтернативен или паралелен систем на образование.

За националната платформа има и акциски план со утврдени рокови за сите фази од нејзиното воспоставување и, според нив, се очекува таа да биде функционална во септември 2022, а ќе ѝ претходат обуки на наставниците и набавка на потребната ИКТ-опрема.

-Таа национална платформа нема да се користи само во криза, туку и во секојдневните активности во училиштата т.е, комбинирање редовна настава со е-содржини и ќе нуди различни извори и пристапи на учење, проверување на постигнувањата на учениците и вреднување на образовниот процес од надлежните институции. Целта е да се воспостави флексибилен систем на образование од далечина, лесен за користење, прилагодлив за индивидуални потреби, но и употреблив за учење во училиште, беше наведено во документот на МОН за системско и унифицирано решение за учењето од далечина.