Амбасадорот на Македонија во Норвешка и Исланд, Дритон Куќи, со првиот лет се враќа за Скопје, откако од семејството дознал дека полицијата тропнала на неговата врата во Скопје.
Тој се огласи на Фејсбук, откако во медиумите се појавија информации, дека е дел од лицата кои се опфатени со проширувањето на истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
-Денес семејството ме информираше дека претставници на Министерството за внатрешни работи биле во мојот дом во Скопје, барајќи информативна средба. Немам што да кријам и секогаш сум одлучувал да постапувам со чесност и смиреност, дури и кога околностите биле тешки. Секогаш сум избирал да одам по прав пат, дури и кога тој бил најтежок. Зборував кога другите молчеа, и стоев исправен дури и кога се чувствував сам. Верувам во правдата за општото добро. Со првиот лет ќе бидам во Скопје – не за да се оправдам, туку за да потврдам дека транспарентноста и довербата се единствениот пат напред. Тука сум. Со мирна совест, чист пред себе, со непоколеблива волја – пред Бога и пред законите на државата, објави Куќи на Фејсбук.
Куќи во период од 2016 до 2018 беше министер за економија.