Собранието на Република Македонија денеска ја констатира оставката на пратеникот на ДОМ Мирослав Богдановски, коалиционен партнер на СДСМ на премиерот Зоран Заев.

Тој ја поднел оставката до собраниската архива, а претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, која е пратеничка, вели дека за тој потег дознала од собраниските служби.

Богдановски во изминатиот период имаше несогласувања со раководството на ДОМ и најави дека ќе дејствува независно во парламентот.

Со оставката на Богдановски, Морачанин останува единствена пратеничка на ДОМ во овој собраниски состав, која е дел од парламентарното мнозинство, иако во овој период имаше спротивен став од СДСМ и другите владејачки парти за одредени прашања.

Богдановски e пратеникот кој пред извесно време дојде со скафандер во парламентот, заедно со пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска, за да обезбеди кворум за донесување неколку закони, иако и двајцата беа позитивни на Ковид-19.

Тој влезе во Собранието од листата на коалицијата на СДСМ во првата (скопска) изборна единица, а претходно работел во Инспекторатот на Град Скопје.

Собрание: Констатирани оставките на Богдановски и Дрпљанин

Собранието денеска треба да ги одржи 45-та и 43-та седница. Пред почетокот на 45-та седница, претседателот на Собранието Талат Џафери ги информираше пратениците за две поднесени оставки. Оставката на членот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) Дино Дрпљанин и оставката на пратеникот Мирослав Богдановски од Демократска обнова на Македонија – ДОМ.

Иако имаа право, Дрпљанин и Богдановски не ги образложија своите оставки на седница и Џафери констатира дека престанува нивниот мандат.

Џафери даде пауза и ги задолжи службите да се упатат во Државната изборна комисија (ДИК) со информација дека на Мирослав Богдановски му е прекинат мандатот. Согласно надлежностите, ДИК треба да достави извештај и потоа да се верфицира мандатот на новиот пратеник, од соодветната листа.

Џафери ја прекина 45 -та седница и соопшти дека пратениците дополнително ќе бидат информирани за нејзиното продолжување. По донесувањето на дневниот ред на 45-та седница, Собранието ќе продолжи со работа по 43-та седница.