Шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин ги предводеше своите платеници во изведувањето надвор од јужниот руски град Ростов-на-Дон, откако синоќа постигна договор за ставање крај на краткотрајниот вооружен бунт.
Ситуацијата околу штабот на Јужниот воен округ на руската армија во Ростов на Дон утринава е мирна и сообраќајот е обновен, јавија руските медиуми.
На фотографиите на повеќе светски агенции и медиуми се гледа како Пригожин со насмевка и подавање рака им отпоздравува на своите поддржувачи во Ростов на Дон, додека со џип го напушта градот, а неговите војници влегуваат во камиони за да се вратат во своите теренски бази, пренесува Ал Џезира.
Гувернерот на регионот Воронеж, исто така, соопшти дека борците на групата „Вагнер“ ја напуштиле областа и заминале во своите стационарни кампови, пренесоа француските медиуми.
Според договорот постигнат со посредство на белорускиот претседател Александар Лукашенко, Пригожин се согласил да го прекине бунтот и да замине во егзил.
Кремљ, од друга страна, преку гласноговорникот Дмитриј Песков, соопшти дека е повлечена кривичната пријава против првиот човек на платеничката војска „Вагнер“, а неговите војници, кои не тргнаа во конвојот кон Москва, нема да бидат кривично гонети.
На автопатиштата низ Русија, особено околу приодите на Москва, укинати се сите претходно воведени ограничувања.
фото:Твитер