Продолжуваат активностите за уредување и унапредување на јавните зелени површини во Скопје. Во рамки на тековните интервенции, започна уредувањето на паркот „Македонија“ 1, 2 и 3 во општина Карпош, еден од најпосетуваните зелени простори во главниот град.
Во паркот се поставува нова урбана опрема, вклучувајќи клупи и корпи за отпадоци, а се обновуваат и летниковците кои секојдневно ги користат голем број граѓани. Целта на активностите е подобрување на условите за престој, рекреација и одмор, како и зачувување на уредениот и функционален изглед на овој значаен јавен простор.
Од надлежните институции посочуваат дека парковите се клучен сегмент од урбаното живеење и претставуваат места каде граѓаните поминуваат квалитетно време со семејството и пријателите, додека повозрасните наоѓаат мир и релаксација во природна средина.

Воедно, редовно се спроведуваат активности за одржување на зелените површини под надлежност на Град Скопје, со цел тие да останат чисти, безбедни и достапни за сите посетители.
Паралелно, упатен е апел до граѓаните за одговорно користење и зачувување на парковите, со што заеднички ќе се придонесе кон поуредена и позелена урбана средина.
Како дел од планските активности, најавена е и изградба на нови паркови и дополнителни зелени површини низ градот, со што Скопје ќе добие повеќе простори за рекреација и одмор.

Градот останува посветен на унапредување на урбаната средина и заштита на зеленилото како едно од најважните богатства на метрополата.




