Има голем интерес на турските компании за инвестирање во Македонија – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски по учеството на бизнис-форумот во Истанбул, каде што со владина и бизнис-делегација ги презентира можностите на македонската економија.
Целта, посочи Мицкоски, е нашата македонска економија и нашите бизниси да се поврзат со бизнисите овде во Истанбул.
– Овде сум присутен заедно со владина, но и со бизнис-делегација. Ја продолжуваме традицијата на организирање B2B-настани и B2B-средби, односно она што го почнавме во Унгарија и што го продолживме во Австрија, потоа со хрватската бизнис-заедница на билатералната средба во Охрид, го продолжуваме сега овде во Истанбул. Нашата цел е нашата македонска економија и нашите бизниси да се поврзат со бизнисите овде во Истанбул, Турција. Постои навистина голем интерес кај турските бизнисмени за инвестиции во Македонија, а она што ние ќе го правиме во овие два дена во Истанбул е да ги презентираме можностите на македонската економија и сите оние можности и поддршка што ние како Влада ја даваме за привлекување странски директни инвестиции – изјави Мицкоски посочувајќи дека при престојот во Турција очекува многу успешни состаноци како и дека ќе бидат испратени силни пораки.
Мицкоски во обраќањето на бизнис-форумот ги повика турските инвеститори да бидат дел од, како што сподели на социјалните мрежи, развојната приказна на Македонија – држава што има јасна визија за иднината, отворена врата за нови инвестиции и силна определба за економски развој.
– Македонија и Турција негуваат традиционално пријателски односи изградени врз доверба, почит и силни врски меѓу народите, а токму тие односи претставуваат цврста основа за продлабочување на економската соработка и нови инвестиции – истакна Мицкоски во обраќањето на форумот.
Тој посочи дека Македонија денес се позиционира како стабилна и конкурентна бизнис-дестинација, со стратешка географска положба, поволна инвестициска клима, модерни индустриски зони и пристап до регионалните и европските пазари. Турските компании, наведе Мицкоски, преку инвестирање во Македонија добиваат можност да станат дел од европските синџири на снабдување и да го прошират своето присуство на пошироки пазари.
Во фокусот на форумот беше зајакнувањето на економската соработка, зголемувањето на трговската размена и отворањето нови инвестициски можности. Беше презентирана и Мапата за инвестирање во Северна Македонија која нуди сеопфатен преглед на инвестициските потенцијали, развојните зони и можностите за вложување во земјата, со цел нивна промоција пред странските инвеститори.
Форумот беше отворен со обраќања на претставници на DEİK – Советот за надворешни економски односи и УНДП, по што пред присутните се обратија министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали и министерот за трговија на Република Турција, Омер Болат. Во своите обраќања тие ја нагласија важноста од натамошно јакнење на економските врски меѓу Северна Македонија и Турција, како и потребата од создавање нови можности за инвестиции и деловна соработка.
– Во рамки на панел-дискусиите, посветени на трговијата, индустријата, енергетиката, инфраструктурата и логистиката, посебен акцент беше ставен на регионалното поврзување и улогата на слободните економски зони во привлекувањето нови инвестиции. Во таа насока, генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, ја имаше улогата на модератор на втората панел-сесија, на која учествуваа заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, извршниот директор на TAV Airports, Серкан Каптан, генералната директорка на турските слободни економски зони, Емел Емирлиоглу и министерот за транспорт и инфраструктура на Република Турција, Абдулкадир Уралоглу. Панелот беше оценет како значаен придонес кон унапредување на дијалогот за инфраструктурно и економско поврзување меѓу двете земји. Размената на ставови отвори дополнителни можности за соработка во клучни сектори од заемен интерес – соопшти владината прес-служба.
Форумот беше организиран во рамки на проектот „Промоција на Мапа за инвестирање“, како дел од Програмата за поддршка на спроведувањето на Националната развојна стратегија, предводена од Владата на Република Северна Македонија и Генералниот секретаријат, а имплементирана во соработка со УНДП.




