Вечерва од 21 часот на патот Охрид – Кичево, кај селото Извор, сообраќајот е во прекин во двата правци. Како што соопшти АМСМ, на терен интервенира противпожарна единица при гасење на опожарен автобус.
Според неофицијални информации, од засега непознати причини се запалил автобус на „Галеб“ – Охрид, но нема детали каде се движел автобусот и дали во него имало патници.
Според други извори, пак, возилото се запалило на превојот Пресека, а во него немало патници, освен возачот. Наводно возилото било упатено на сервисирање. Во пожарот нема повредени, а причинета е материјална штета чија висина допрва ќе се утврдува.
Видео што го снимил очевидец на настанот објави порталот Порта.
Очекуваме официјални информации од Министерството за внатрешни работи.