Владата денеска на седница ќе ја разгледа информацијата за воведување на заеднички контроли со Албанија на патниот граничен премин Ќафасан-Кафтане, односно „уан стоп шоп“.
На седницата, која според најавите ќе почне во 14 часот, министрите ќе дебатираат и за правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, како и за правилникот за начинот на издавање на одобрение, потребната документација и висината на трошоците во постапката на издавање на одобрението за полнење и ставање во промет на природна минерална вода, изворска вода и друга пакувана вода.
На предлог на Министерството за образование и наука ќе бидат разгледани неколку точки меѓу кои Предлог – измените на Законот за наставници во основните и средните училишта и Предлог измените на Програмата за остварување развој на дејноста во ученичкиот стандард за 2018 година.
На седницата ќе се дебатира и за предлогот на Министерството за економија за поведување постапка за водење преговори за склучување на Договорот за економска соработка меѓу Македонија и Босна и Херцеговина.
На дневен ред на денешната редовна владина седница е и годишниот извештај за преземените активности и постигнатиот напредок за воспоставување еднакви можности на жените и мажите во Република Македонија за 2017-та година со препораки за 2019-та година.