Седуммина македонски бизнисмени се дел од листата на 100 најбогати луѓе во регионот што ја објави српскиот магазин Недељник.

Богатството на овие седуммина Македонци, српскиот магазин го процени на 3,26 милијарди евра, а листата е составена од најбогатите бизнисмени од Србија, БиХ, Хрватска, Црна Гора и Македонија.

На 18. место или највисоко позициониран во регионот од Македонија е Илија Гечев од ИГМ Трејд од Кавадарци со богатство кое му е проценето на 1.054.000.000 евра. Според оваа листа, Гечев е единствениот милијардер во Македонија.

На 38-мо место на листата на магазинот е Живко Мукаетов од Алкалоид со 651.330.600 евра, на 45 место е Андреа Јосифовски од Макпетрол со 565.501.055 евра, следи Гоце Камчев од КАМ со 282.535.496 евра, Страшо Милковски од Гранит со 251.175.396 евра, Слободан Кутревски од Пекабеско со 237.907.052 евра и Владимир Тодоровиќ од Тинекс со 218.299.496 евра.

Најбогат во регионот е хрватскиот „крал на осигурувањето“ Дубравко Гргиќ, кој ја предводи групацијата Аграм и според листата на Недељник има богатство од 2,84 милијарди евра, а го следат српските бизнисмени Миодраг Костиќ и Мирослав Мишковиќ со по 2,77 милијарди евра.

Недељник заклучува дека листата покажува дека и натаму важи некогашната југословенска поделба на развиени и неразвиени, бидејќи економиите на Црна Гора, БиХ и Македонија се далеку зад оние на Хрватска, Србија и Словенија.

Нееднаквоста е најизразена во Црна Гора, каде што имотот на петтемина најбогати вреди 1,7 милијарди евра, што е 35,4 отсто од БДП, додека во Македонија ова изнесува 23,9 проценти од БДП.

Листата на 100-те најбогати луѓе во регионот била составена во соработка со две реномирани консултантски фирми кои работат на њујоршката берза, а сумите не покажуваат колку пари имаат бизнисмените на сметките, туку колку вредат нивните компании и колку пари потенцијално би можеле да добијат ако ги продадат денес.