Веднаш да се повлече срамното решение на логото за прославата за денот на независноста 8-ми Септември и да се распише нов конкурс, бара опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
-Продолжува сквернавењето на националните и идентитетските симболи од страна на оваа власт. Последен во низата на недоследности и погазување на идентитетските обележја е знамето на Република Македонија, преставено во логото за прославата 8-ми Септември, Ден на независноста на Република Македонија. И покрај острата реакција од страна на граѓаните, Владата на Зоран Заев сеуште е глува за целосно повлекување на логото, се вели во соопштението.
Натаму во реакцијата се додава:
-Непостоењето на терминот „Република“ како одредница за општественото уредување и пренебрегнувањето на фактот дека на 8-ми Септември 1991 година, македонскиот народ гласаше за суверена и независна држава Република Македонија, го прави ова решение за целосно неприфатливо. Со ваквото решение од страната на владата на Зоран Заев е прекршен и Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Македонија, во членовите 3 и 4 од истиот закон, каде што јасно стои дека „Во грбот и знамето на Република Македонија не може ништо да се впишува, односно испишува, ниту тие можат да се менуваат.“ Затоа бараме веднаш да се повлече ова срамно решение за лого и да се распише нов Конкурс за идејно решение по повод прославата за Денот на независноста. Времето на оваа ненародна власт истекува. Време е за Македонија за сите луѓе!- се вели во реакцијата.