Претседателот Стево Пендаровски одговарајќи на новинарски прашања во врска со повикот на премиерот Зоран Заев руските бизнисмени да инвестираат во земјата и дали тоа би било одредена алтернатива на членството во ЕУ, рече дека е добро сите ние да упатуваме повик странските инвеститори да инвестираат овде.
– Тоа се две работи кои немаат врска една со друга. Добро е што упатил повик премиерот, сите ние треба да упатуваме повик до сите странски бизнисмени да инвестираат во нашата земја. Инвестирањето и евентуално денешно и идно на руските компании иако имаме и досега руски инвестиции не значи дека ние сме некомпатибилни со европското законодавство или дека тоа може да биде пречка за нашето приближување, преговарање, па утре и членство во ЕУ, рече тој, одговарајќи на новинарски прашања на свеченоста по повод заклетвата на 23-та класа на питомци и слушатели од курсот за стручно оспособување и усовршување за офицери, и промоцијата на 19-та класа на питомци во чин потпоручник во Армијата.
Според него, Евроазиската економска унија е сосема друга работа и оти Србија потпиша неодамна и веќе има сигнали од Брисел дека тие две работи ЕУ преговори и членство утре задутре и Евроазиската унија не се компатибилни, бидејќи има правила во економските делови кои пропишуваат како треба да се однесувате уште како кандидат кој преговара на заедничкиот европски пазар.
– Правилата на Евроазиската унија се други, а особено она што е неспорно од правен аспект, тоа го кажуваат сите правници во ЕУ, оној момент кога ќе станете членка на ЕУ, оваа транзициона ситуација додека преговараш и може да се толерира некако, меѓутоа кога ќе станеш членка на ЕУ и формално членка на заедничкиот европски пазар не смееше да бидеш во Евроазиската економска унија. Тоа нашите српски пријатели го знаат. Но, во меѓувреме решија така да го направат. Јас не мислам дека ние треба да аплицираме за членство во таа Евроазиска унија, но мислам дека треба уште поинтензивно да соработуваме на билатерална основа со сите држави во светот, вклучително и со членките на таа Унија, рече Пендаровски.
Во однос на обидот за интензивирање на руските инвестиции во земјава и во исто време повикот од САД за економски санкции кон Русија, и во тој случај како треба да дејствува земјава, Пендаровски вели дека санкциите кон Руската Федерација можат да делуваат прилично негативно на македонската економија.
– Одлуката нашава држава да не воведе санкции по барањето на западната Алијанса каде што практично сите воведоа санкции кон Руската Федерација, е донесена пред неколку години, значи дури, оваа Влада и не само јас како претседател, тоа го затекнавме како ситуација. Примарните мотиви и резони зад таа одлука тогаш мислам дека држат и денес. Ние сме економија во развој, имаме крупни економски потешкотии, се мачиме да постигнеме повисоки стапки на раст, се уште го немаме консолидирано тој дел од нашето општество и мислам дека санкциите кон Руската Федерација можат да делуваат прилично негативно на македонската економија, рече претседателот
Посочи дека додека не станеме полноправна членка и тогаш кога ќе мораме навистина комплетно да ги преземаме сите обврски од било која област, како што рече, не можеме да си дозволиме да го задржиме ова ниво на извоз пред се во одредени области кон Руската Федерација бидејќи тоа навистина помага за стабилизирање на нашиот Буџет.
– Кога ќе станеме членки на едната, а особено на другата организација на ЕУ која за разлика од НАТО има заеднички европски пазар мислам дека ќе немаме избор. Ама тоа е се уште далечна иднина, истакна претседателот Стево Пендаровски.