ДАТУМ како ПОВОД
Не ја паметам последната ноќ на Илинденска 28а, пред тоа Утро.
Можеби мирисот на скарата од кафаната Зора; можеби тагувањата за одземениот шарпланинец Треф, кој одамна ги надрасна првите седум дена и до пред некој ден, го сподлуваше своето растење со деца од некоја си нова Павловава улица (Перица, Тото ..), со своето царство, во куќа на гранките, на големата дуња во дворот.
Можеби топлата тивка ноќ со повремените завивања на некои далечни кучиња;
Можеби исчекување на претстојното патување за тросменски престој во Шула Мина и возбудата од новите другарувања, направија сонот да ги избрише спомените за 25 јулски ден…
Сон на заборав…
Бескрајно паѓање…
…. пополека бескрајна тишина се претворуваше во звук на далечна битка која постојано се доближува и станува посилна и посилна…
…. страшниот тресок го спои сонот и јавето…
…. креденецот падна и целата стакларија го исполни леглото на сонот, заградувајќи го пристапот кон креветот во кој спиеше мојата сестра…
…. Страшен танц на ѕидови, плафони… врати… од една врата се појави мајка ми и со сиот свој одбранбен инстикт го крена големиот креденец и не извлече…
… врата една, ходник…врата друга… скали и конечно дворот кој ни даде спас од горниот кат кој веќе се имаше поместено…
…. обид за влез, за облека…
…. повторно тресење…повторно дворот е спас….
…. стивнува
…. во тесниот меѓупростор од куќите одненадеж се појавува дедо ми, кој дојде да не види и да каже дека е другите од семејството се добри, иако не ми е јасно како можеше за толку кратко време да пешки да го изоде патот од кај кафана Идадија, домот на печатот и ново маало каде што живееја неговите ќерки..
… постојано тресе…
Ѕидот меѓу дворовите веќе не постоеше… се упативме кон дворот на женската гимназија… и… првото соочување со последиците од потресот …пискотници, повици… соседната зграда со негибната фасада према нас беше во урнатини… станари, соседи, војници во транс расчистуваа, откопуваа со надеж дека ќе стигнат до оние што се внатре…
За нас, децата, големиот двор беше остров на спасот…Сонцето веќе одамна беше на небото… ги броевме ударите деведесет, сто….некои викаа дека до двестотини и тресењата ќе завршат…залудно… бучава, удар тресење….
Се упативме по булеварот на ЈНА со надеж дека ќе избегаме од Вардар (кој лани и преклани не поплави) и Водно ќе ни го даде мирот…
…. Ужас… секоја втор куќа по булеварот не постоеше… плафоните со подовите беа споени.. кревети.. луѓе…аптеката … тука имавме познаници….зградата од тетка ми во осми месец, која беше срушена точно до нејзината спална соба…рампа.. надвозник… веќе немаше урнати куќи…
…. Ноќ ..спиење на земја ..бучавата од внатрешноста на земјата ги доживувам како веќе нешто блиско, мое… животот се живее помеѓу два потреса… до повторното о,денување..до наредната ноќ …и наредниот ден….
… Животот добива нова димензија… шатори на падините на Водно..
…. Евакуација… на деца …Сутјеска ќе биде одредиштето…
Автобусот застанува кај пошта 2…чекаме… силна експлозија.. висококатницата каде беше Победа, се собира на куп од пет-шест метри….
Автобусот тргнува… и го фаќа ритамот на спојниците на бетонскиот пат….патување до долго во ноќта.. некој вика дека Охрид е близу… шума, шатори спремени близу одморалиштето на МВР…
… и конечно Сутјеска, интернационалниот пионерски камп…шатори…другарувања Самуел. Ивица… дневни рапорти,… логорски огнови…радио-станица…
… облека од Црвениот крст… првите пантолани и кошула… летото одминува… детска болница… веќе сме во објект после два-три месеци….
… и …
… октомври Скопје…училиштето П.П.Његош урнато….В.И.Ленин во Кочо Рацин…
… нова 1964 година..и повеќе никогаш не го видов својот дом на Илинденска…
(посветено на Андреј и Дамјан кој пред дваесетина дена посакаа да им кажам за земјотресот во Скопје)