Денеска во Битола и во Штип се одржаа комеморативсни собири во чест на 7.144 депортирани Евреи од Македонија во логорот на смртта за време на фашистичката опкупација на Македонија од страна на Бугарија, Германија, Италија и нивните домашни слуги.
Општина Битола, Еврејскта заедница во Република Македонија и Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија со „Поворка на живите“ што се одржа од еврејското маало до Железничката станица, одбележаа 81 година од холокаустот на битолските Евреи.
Комеморативната програмта почна со оддавање почит пред споменикот на депортираните Евреи од Битола – „Камена менора“ и споменикот на народната хероина Естреа Овадија Мара, каде цвеќе положија министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, пратеничките Марија Кочовска, Олга Лозановска и Силвана Ангелевска, амбасадорката на Германија во земјава Петра Дрекслер и градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
-Битола како културен и историски центар, но и град страдалник, град кој и 81 година по депортацијата на битолските Евреи не заборава на 11 март, не го заборава трагичниот ден и оддава почит на своите сограѓани. Целта е да паметиме и да не заборавиме, да не се повторуваат тие тажни моменти, а ние како Битола и битолчани, секогаш ќе го чуваме споменот за нашите сограѓани и ќе го чуваме во нашата меморија, истакна градоначалникот Коњановски.
Според востановената традиција во Битола пристигнаа повеќе гости од Израел, од Еврејската заедница во Македонија, организации, студенти и ученици кои положија цвеќе на Еврејските гробишта во овој град.
-Денеска е денот кога се сеќаваме на едно многу тешко време, на денот кога најголем дел од нашите претци беа собрани и од бугарскиот фашистичкиот окупатор однесени во логор каде никој не преживеа. Битола е град за кој секогаш со љубов зборуваме за нашите претци, се сеќаваме на убавиот соживот, на приказните што сме ги дознале од нашите претци, за другарството и пријателството, за соработката во чаршијата и за дружењата меѓу соседите. За жал, ова е време кога не треба да заборавиме дека и денеска во светот постојат вакви лоши моменти и чувства и затоа сакаме да ја пренесеме пораката дека ова никогаш не треба да се повтори, нагласи Здравко Шами, поранеше претседател на Еврејската заедница во Македонија, во моментов претставник на Еврејската дијаспора.
Во „Поворка на живите“ од Здравствен дом „д-р Хаим Абраванел“ до железничката станица се вклучија и претставници на невладини организации и граѓани на Битола, кои на шините поставија цвеќе во знак на сеќавање и почит на битолските Евреи кои на 11 март 1943 година беа депортирани во логорот на смртта Треблинка.
Денеска и во Штип се одбележаа 81 година од депортацијата на македонските Евреи во логорот на смртта „Треблинка“. По тој повод на Комеморативната седница во Општина Штип присуствуваше aмбасадорката на Израел во Република Македонија, Симона Франкел, градоначалникот на Општина Штип, претставници на Еврејската заедница во земјава, како и пратеници во македонското Собрание и делегации на државни и локални институции. Општина Штип секоја година им оддава почит на 7 144 Евреи од Македонија и 543 Евреи од Штип, кои починаат во логорот „Треблинка“.
-За мене претставува чест, како и секоја година, да бидам тука за комеморацијата на Еврејската заедница која беше депортирана за време на Холокаустот и прво испратена во скопскиот Монопол, па потоа во камповите на смртта во Полска, каде што беа убиени за време на холокаустот. За жал, многу малку луѓе преживеаа во овој камп на смртта, вели Франкел.
Таа додаде треба да се потсетиме дека нејзиното присуство оваа година е значајно затоа што војната во Газа сè уште трае и Хамас сè уште држи 134 заложници. Повика и на итно ослободување на заложниците.
-Знаеме дека помеѓу нив има 19 млади жени кои во тунелите на Хамас страдаат од сексуално вознемирување и сексуална злоупотреба. Сите ние мора да дејствуваме и да повикаме на нивно итно ослободување, и да не ги оставиме таму. Со секој изминат ден кога ги оставаме во тунелите и не правиме сè што е можно за да ги ослободиме, им ги загрозуваме животите и тоа може да ја предизвика нивната смрт. Би сакале да повикаме на нивно итно ослободување, изјави Франкел.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната комеморативна седница по повод 81 години од Холокаустот на Евреите, истакна дека Општина Штип секоја година се сеќава на 543 Евреи, кои беа депортирани во Треблинка, но и секогаш се порачува дека никогаш не треба да се заборави и да не се повтори.
-Затоа што Еврејската заедница е нераскинлив дел од нашето минато, но и наша обврска да ја продлабочиме соработката којашто ја имаме со Еврејската заедница, со Еврејскиот народ. Дефинитивно и во периодот што следи како град имаме обврска да ја вклучиме Еврејската заедница во организирање на заеднички културно-уметнички настани, вели Јорданов.
Со паролата „Да не се заборови“ се одржа и поворка на живите од зградата на Општина Штип до споменикот на депортираните Евреи од Штип, кој се наоѓа во поранешното Кафтанско маало, каде што живееле поголемиот дел од Еврејската заедница. амбасадорката на Израел, Фарнкел, како и делегации денеска ги посетија и Еврејските гробишта.
Фото: МИА