Новите мерки против Ковид-19 од денеска ќе стапат во сила во Италија, каде што секој вработен ќе мора да има сертификат за вакцинација, доказ дека прележал коронавирус или негативен ПЦР тест.
Новите мерки, кои опфаќаат околу 23 милиони вработени во приватниот или јавниот сектор низ Италија, според критичарите се контроверзни и наидоа на голем отпор, објави ДПА.
Полицијата во Рим уапси 12 лица, вклучително и двајца водачи на екстремно десничарска партија, откако протестите против ограничувањата за спречување на коронавирусот се претворија во сериозни немири пред една недела.
За денеска се планирани нови собири во Рим, а пристаништните работници во Трст на северот од земјата планираат да го блокираат пристаништето во знак на протест.
Властите тврдат дека на кината, театрите и концертните сали ќе им биде дозволено повторно да работат со полн капацитет, доколку посетителите имаат зелен пасош.
Правилата за задолжителен сертификат се воведени со цел да се избегне луѓето да се заразат на работа со Ковид-19 и да нема потреба од колективен карантин.
– За компаниите и вработените, зелениот пасош ја зголемува безбедноста на работното место и овозможува производство, изјави Маурицио Стирпе, потпретседател на организацијата на работодавачи Конфиндустрија.
Компаниите кои нема да го почитуваат правилото за задолжителен зелен пасош на своите вработени ќе се соочат со казни до 1.000 евра (1.156 долари).
Зелениот пасош веќе се користи во неколку други сектори во Италија, како на пример училиштата и здравствениот систем.
Вкупно 85 проценти од Италијанците постари од 12 години имаат примено барем една доза на вакцина против Ковид-19.