Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин смета дека терористичката организација Ал Каеда, која го користеше Авганистан како база за напад врз САД пред 20 години, може да се обиде да ги обнови операциите по повлекувањето на САД и преземањето на власта од страна на талибанците.
Остин денеска имаше средба со новинарите во Кувајт, на крајот од четиридневната турнеја низ земјите од Заливот и нагласи дека САД се подготвени да го спречат враќањето на Ал Каеда во Авганистан.
– На некој начин, целата заедница гледа што се случува и дали Ал Каеда има способност повторно да се создаде во Авганистан. Во природата на Ал Каеда и Исламската држава е секогаш да се обидуваат да најдат простор за раст и обнова, без разлика дали тоа е во Авганистан, Сомалија или кој било друг нерегулиран простор, нагласи американскиот функционер.
Талибанците и дадоа засолниште на Ал Каеда додека владееја со Авганистан од 1996 до 2001 година, а САД ги нападнаа и ги соборија од власт откако одбија да ги предадат терористичките водачи по нападите на 11 септември 2001 година.
За време на 20-годишната војна со САД, Ал Каеда беше значително намалена, но се појавија прашања за нејзините идни перспективи за обнова со Талибанците, кои повторно се на власт во Кабул.
– Ние им соопштивме на Талибанците дека очекуваме да не дозволат да се случи тоа, рече Остин.
Тој нагласи дека американската војска е способна да ја спречи Ал Каеда или која било друга екстремистичка закана за САД која потекнува од Авганистан, користејќи авиони за надзор и борбени лоцирани на друго место, вклучително и во Персискиот Залив, и призна дека сепак ќе биде потешко без војници и разузнавачки тимови со седиште во Кабул.
Во договорот од февруари 2020 година со администрацијата на Трамп, талибанските лидери ветија дека нема да ја поддржат Ал Каеда или други екстремистички групи што би ги загрозиле САД, но американските власти веруваат дека Талибанците одржуваат врски со Ал Каеда, а многу држави, вклучително и арапските земји од Заливот, се загрижени дека нивното враќање на власт може да ја отвори вратата за заживување на влијанието на терористичката организација.
Остин требаше да ја заврши посетата на сојузниците на САД на Блискиот Исток, по Катар, Бахреин и Кувајт, во Саудиска Арабија, но таа посета беше одложена на барање на Ријад поради, како што е објаснето, проблемите во распоредот.
Нападите врз САД на 11 септември 2001 година, во кои беа убиени речиси 3.000 луѓе и чија годишнина се одбележува за два дена, ги изврши терористичката мрежа Ал Каеда, а петнаесет од 19 киднапери на авионите со кои беа извршени нападите беа државјани на Саудиска Арабија.