Еден од најголемите политички сојузници на рускиот претседател Владимир Путин денеска пристигна во Калининград, за да разговара за националната безбедност додека трае спорот на Русија со Литванија, што го стопира транзитот на санкционираните артикли до руската енклава.
Секретарот на рускиот Совет за безбедност, Николај Патрушев во Калининград ќе одржи состанок за безбедноста на северозападниот дел на Русија.
Литванија го забрани транзитот на стоки, што се под санкции на ЕУ. Русија има пристап до енклавата Калининград по копно само преку Литванија и Полска. Вилнус тврди дека забраната за транзит е спроведување на европските санкции кои имаат за цел да ја казнат Русија поради инвазијата врз Украина.
Калининград, поранешното пристаниште Кенигсберг, што беше главен град на Источна Прусија и дом на познатиот филозоф Имануел Кант, беше освоен од советската Црвена армија во април 1945 година.