Светскиот самит во Давос, на кој се решаваат големи светски проблеми, предизвикува наплив од проститутки, а побарувачката по сексуалните работнички вртоглаво расте секоја година додека се одржува форумот на стотици политички лидери и бизнисмени, кои пристигнуваат од цел свет.
Придружничките се резервираат во истите хотели во кои што отседнуваат и угледните гости кои учествуваат на петдневниот самит, кој почна на 16 јануари во ова швајцарско одморалиште.
Сексуалната работничка по име Лијана откри за германскиот весник Билд дека носи деловна облека за да не се истакнува меѓу гостите, и покрај тоа што проституцијата е легална во Швајцарија. Лијана вели дека наплатува околу 700 евра за час, односно 2.300 евра за цела ноќ, плус патни трошоци.
– Некои букираат придружнички за себеси и за своите вработени за забава во хотелскиот апартман, изјави менаџерката на една ескорт служба од градот Аргау.
Сексуална работничка Саломе Балтхус (36) вели дека престојува во хотел близу Давос, но одби да открие кои се нејзините клиенти.
– Верувајте ми, не би сакале да им се замерите и да завршите на суд, вели таа.
Меѓу темите за кои се дискутира на годинашниот самит се војната во Украина, глобалната инфлација, климатските промени и нееднаквоста. Оваа година учествуваат речиси 600 извршни директори и 50 шефови на влади.
Од Македонија во Давос беа претседателот Стево Пендаровски и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.