Иако има одлука на централното раководство тие сами да излезат на избори, Алијансата за Албанците ги започна разговорите со Европскиот фронт. Шефот на оваа партија, Зијадин Села, во Клик Плус изјави дека АА ќе треба да одлучи дали ќе оди со еден од двата блока, односно со Европскиот фронт или со ВРЕДИ или воопшто да не учествува на избори. Тоа е затоа што, како што рече, партиските печати се кај Таравари и тие не можат да ги достават листите за пратеници. Друга пречка за АА е доцнењето на одлуката на тетовскиот суд за тоа на кого ќе и припадне партијата. Села чека конкретна понуда од Европскиот фронт и истата да ја достави до централното собрание на партијата, објави во својот прилог ТВ 21.

„Во текот на овие денови, доколку стигне некаква понуда која вреди да се дискутира, таа ќе биде испратена пред Централното собрание и Централното собрание ќе одлучи, дали ќе ја прифати или не понудата. За да нема дилеми, тоа е моментот!“, вели Зијадин Села.

-Понуда чекате од г. Али Ахмети или не, од ДУИ?

„Има разговори со Европскиот фронт, зборувам за тие со кои има разговори. Со другите сметав дека нема причина да разговарам“.

Села бара најмалку 5 пратеника со цел да може да формира пратеничка група во следниот владин состав.

„Има инструкции но тие не се Зијадин Села да биде носител на листа во ИЕ6 или ИЕ7. Инструкциите се црвени линии, Алијанса за Албанците треба да има парламентарна група по изборите на 8 мај и тоа е црвената линија на АА“, порача Зијадин Села.

А за лидерот на ДУИ, Али Ахмети, овие барања се мали нешта. Прашан од ТВ21 во врска со ова, Ахмети рече дека не треба да се дебатира за бројки туку за визија и иднина.

„За ситни нешта никогаш не ги загрозуваме големите проекти. Тука не станува збор за бројки, туку за филозофија, визија и иднина“, вели Али Ахмети.

АА утре ќе одржи состанок на Централното собрание каде ќе се одлучи по кој пат ќе одат во врска со учествувањето на парламентарните избори на 8 мај.